Директорот на ГОБ „8 Септември“ со детали за вчерашниот инцидент со нож : Напаѓачот имал акутно психосоматско нарушување

Станува збор за повозрасен пациент кој веќе по четврти пат е хоспитализиран во ГОБ „8 Септември“, а се лекува од кардиомиопатија, односно срцева слабост, вели за Фактор, директорот на болницата, Христијан Костов, кој ги изнесе сите детали за синоќешниот инцидент.

-Синоќа се случи инцидентот во кој пациентот кој ние го знаеме, бидејќи по четврти пат се лекува кај нас, нападна медицински техничар со мало кујнско ноже. За среќа, нашиот вработен нема тешки повреди, само расекотина на градниот кош. Инаку, пациентот се лекува од кардиомиопатија, односно срцева слабост и е хоспитализиран на Одделението за интензивна нега. Нападот се случил кога медицинскиот техничар делел терапија. Во тој момент, пациентот бил агресивен, дезорентиран, агитиран, вознемирен, конфузен. По преглед од страна на психијатар е констатирано дека станува збор за акутно психосоматско нарушување, промена на расположението, посочува проф. д-р Костов, нагласувајќи дека пациентот досега немал никаков психијатриски наод, односно немал никаква дијагноза од страна на специјалист психијатар.

Вели дека му е дадена терапија за смирување и дека пациентот денеска ќе биде отпуштен од болницата.

-Денеска состојбата му е смирена, и ќе биде отпуштен. Она што би сакал да го истакнам е дека иако повредата нанесена на градниот кош од ножот кај нашиот медицински техичар не е опасна, стресот кој го преживеа е навистина преголем. Во моментот на нападот веднаш е повикано обезбедувањето и е повикана полиција, вели директорот за „Фактор

Иако станува збор за акутно психосоматско нарушување, 77-годишниот пациент од Скопје, како што нагласи проф. д-р Костов, за една недела треба да се јави на контрола кај специјалист психијатар.

Back to top button
Close