Директорот на „Пекабеско“: Нека се намалат цените на суровините, ќе ги намалиме и ние цените на производите

Месната индустрија засега нема позитивен одговор од Владата во однос на барањето да се укинат увозните давачки за суровините, што би овозможило намалување на цените на крајните производи.

Како што рече денеска директорот на „Пекабеско”, Слободан Кутревски, за ова прашање било разговарано, но одговорот на надлежните е дека во моментов нема можност да се излезе во пресрет.

Сепак, тој се заблагодари за владината поддршка во однос на субвенционираната струја, нагласувајќи дека оваа мерка многу им помогнала.

-Нека се намалат цените на суровините, ќе ги намалиме и ние цените на производите. За укинување на увозните давачки за замрзнатото месо, ние тоа го бараме, а државата треба да го одобри. Ако може, верувам дека ќе го одобри зашто најде сили да ни одобри за струјата. Веројатно и за тоа ќе најде. Што да правиме кога немаме домашна суровина. Ја стимулираме домашната суровина 30 и кусур години, откога сме независни, но повторно ни фали суровина. Разговаравме. Велат, „во овој момент не сме во можност. Не можеме и пари за струја да даваме и пари за ова и пари за она“. Значи, го баравме тоа, но сега за сега ќе причекаме, истакна Кутревски, одговорајќи на новинарски прашања.

Back to top button
Close