ДК: Шеќеринска успешно ќе одговори на задачите коишто произлегуваат од оваа функција и на најдобар можен начин ќе ги промовира вредностите на Алијансата
Соопштение на Дипломатскиот клуб по повод именувањето на Радмила Шеќеринска за заменик-Генерален секретар на НАТО
Дипломатскиот клуб – Скопје со големо задоволство ја прими веста од Брисел за именувањето на Радмила Шеќеринска за заменик-Генерален секретар на НАТО и ја користи оваа пригода на г-ѓа Шеќеринска да и упати најискрени честитки и да и посака успешен и плодотворен мандат во овие турбулентни и предизвикувачки времиња на светската геополитичка сцена.
Именувањето на г-ѓа Шеќеринска на оваа престижна и одговорна функција претставува признание за нејзината висока професионалност и неуморна посветеност во извршувањето на бројните функции коишто ги имаше на домашен и меѓународен план. Воедно, ова именување претставува и потврда на активниот дипломатски ангажман на членката на НАТО Северна Македонија во меѓународните односи и меѓународниот углед стекнат низ бурните 33 години од нејзината независност.
Дипломатскиот клуб е цврсто убеден дека г-ѓа Шеќеринска успешно ќе одговори на задачите коишто произлегуваат од оваа функција и на најдобар можен начин ќе ги промовира вредностите и целите на Алијансата и нејзините земји членки во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и пошироко во светот.