ДКСК го затвори предметот за патувањето на синот на Мицкоски во САД – не бил дел од владината делегација, сам си ги платил патот и сместувањето

Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован, сам си платил и за авионските карти и за хотелското сместување во САД во јули, односно неговото патување на НАТО-самитот не било платено со владини пари, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која на денешната седница информира дека го затвора овој предмет.

Согласно добиената документација од Владата, во државната делегација за НАТО-самитот имало 21 лице, претставници од канцеларијата на премиерот, од министерствата за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, амбасадата на Македонија во Вашингтон и од постојаната делегација на Македонија во НАТО. Авионските билети ги резервирала владината Служба за општи и заеднички работи, и тоа за 21 лице од списокот на кој не било наведено името на синот на премиерот, соопштија од ДКСК.

Од Антикорупциската комисија констатирале дека Јован Мицкоски престојувал во апартмани, а не во хотелите каде што била сместена државната делегација, а фактурите за сместувањето во апартмани биле на име на физичко лице. Синот на премиерот не бил дел од официјалната делегација и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба, туку само на предавањето на неговиот татко.

Фотографија од посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон, на која можеше да се види и неговиот постар син, во јули годинава беше тема на партиски преписки. Фотографијата ја објавија од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ на социјалната мрежа Икс, каде што беше посочено дека македонскиот премиер, пред Самитот на НАТО, ја посетил Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот.

Од СДСМ тогаш го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД го носел и синот. На овој повик на СДСМ одговор не стигна од премиерот, туку од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што информираа дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци биле подмирени приватно од семејството на премиерот.

По соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, од опозициската СДСМ повторно реагираа и побараа Мицкоски, доколку тврди дека приватно го платил патувањето и сместувањето на синот, да ги објави јавно тие сметки, но и Владата транспарентно да ја објави листата од сите што патувале на државен трошок.

ДКСК веднаш отвори предмет по допрен глас и оттаму информираа дека се обратиле до Генералниот секретаријат на Владата, од каде што побарале информација кој сè патувал со премиерот во Вашингтон, односно да потврдат дали синот на премиерот патувал со него на товар на буџетот и во која функција.

Back to top button
Close