Додека јас сум премиер, нема да се случи тоа што го зборува Меџити, кажа Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски одговори на најавата на вицепремиерот Изет Меџити дека во рок од една година ќе бидат вработени 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација.
-Нема таква работа, ниту пак ќе има додека сум јас претседател на македонската Влада. Ќе се вработуваат луѓе, но тоа ќе бидат компетентни лица кои ќе одговорат на работните задачи. Партиски или етнички клучеви во вработувањата не треба да се тема на дискусија, тоа сме го кажале многу пати.
Планираме да донесеме закон за правична застапеност, бидејќи претходниот закон беше поништен од Уставниот суд – изјави Мицкоски при посетата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто, Општина Гази Баба.
Премиерот додаде дека не исклучува можност некој да прави списоци, но нагласи дека додека тој е на чело на Владата вакви вработувања нема да има.
На партиски собир во Шуто Оризари на 20 февруари, Меџити најави дека Владата ќе ангажира повеќе Албанци во државниот сектор отколку што тоа било направено во два мандата на претходните албански политички субјекти.
-За една година ќе вработиме онолку Албанци, колку што другите направија за осум години во Владата. Ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација, секаде каде што има потреба од нови кадри. Ова ќе помогне да се намали еден голем проблем и ќе спречи многумина да ја бараат својата перспектива надвор од Македонија – изјави тој