„Доверба може да има ако се направат уставните измени“ – Што пишуваат бугарските медиуми за средбата со Муцунски
Средбата меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, одржана во Софија на 8 октомври, привлече внимание кај бугарските медиуми, кои во извештаите ги истакнуваат разликите околу европската интеграција на Македонија, барањето за временска рамка за исполнување на преземените обврски и потребата од продолжување на дијалогот.

БГНЕС: „Муцунски по средбата со Петрова: Ставовите со Бугарија остануваат многу далечни, но дијалогот ќе продолжи“
Бугарската новинска агенција БТА ја пренесе изјавата на Петрова дека Софија ги поддржува европските перспективи на Македонија, но очекува исполнување на условите договорени во 2022 година. Таа нагласила дека бугарските барања не се променети.
БТА: „Бугарија нема други очекувања од Северна Македонија освен исполнување на обврските“
Слично известува и порталот БГНЕС, кој ја издвојува оценката на Муцунски дека позициите на двете држави и натаму се многу далечни, иако разговорите биле конструктивни и договорено е дијалогот да продолжи.
Според БГНЕС, Муцунски посочил дека недовербата во процесот на европска интеграција и неговата предвидливост останува сериозен проблем. Тој повторил дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата не треба да го оптоваруваат европскиот пат на земјата.
„24 часа“: „Велислава Петрова: Доверба со Северна Македонија може да има ако се направат уставните измени“
Весникот „24 часа“ ја издвојува пораката на Петрова дека довербата меѓу двете земји може да се гради преку исполнување на преземените обврски, вклучително и уставните измени. Медиумот пренесува дека бугарската министерка побарала и појаснување за временската рамка во која Скопје планира да ги исполни условите поврзани со евроинтеграцијата.
„24 часа“: „Велислава Петрова го отвора прашањето за Ива Михајлова пред Тимчо Муцунски во Софија“
Во дел од известувањата се споменува и случајот со Ива Михајлова, кој Петрова најавила дека ќе го отвори на средбата. По разговорот, Муцунски соопштил дека Македонија се согласила бугарски медицински специјалисти да ја прегледаат на територијата на земјата.
И покрај позитивните оценки за атмосферата на разговорите, главната порака што ја издвојуваат бугарските медиуми е дека нема промена во ставовите за условите за европска интеграција на Македонија, а двете страни се согласиле дијалогот да продолжи.






