ДПА: ЕУ сака да ги разлабави рестрикциите за влез на македонските граѓани

Поради подобрената состојба со пандемијата, членките на ЕУ постигнале согласност за разлабавување на условите за влез за граѓани од повеќе земји, меѓу кои и Северна Македонија. Формална одлука се очекува за неколку дена.

Европската унија треба да ги разлабави рестрикциите за влез на граѓаните од повеќе земји во светот, а формалната одлука за тоа треба да биде донесена најверојатно на крајот на оваа недела, јавува агенцијата ДПА. Според информацијата на ДПА, поради подобрената состојба со пандемијата во иднина треба да биде олеснет влезот во Унијата за граѓаните на Северна Македонија, Албанија, Србија, САД, Либан, Макао, Хонгконг и Тајван.

Досега на списокот земји чии граѓани можеа да влезат во ЕУ поедноставно беа само Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја, Израел, Јапонија и Тајланд. За сите останати држави во светот важеа драстични ограничувања.

До ограничувањата уште од почетокот на пандемијата се држеа сите држави на ЕУ освен Ирска, како и Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн и Исланд. Со ограничувањата беа забранети сите патувања во ЕУ кои не се поради есенцијална причина.

извор: ДВ

Back to top button
Close