Дранго се уште не е повикан на распит во обвинителството, a пријавен e за кривично дело кое се казнува од една до пет години затвор

Случајот со заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго, никако да добие разврска по речиси два месеца откако во јавност се објави фотографија на која тој позира со убиена мечка и со пушка со снајперски нишан.

Според македонското законодавство, за мечка има трајна забрана за лов, па отстрелот врз неа се казнува со затворска казна од една до пет години и парична казна од 18.000 евра ако мечката е постара од две години.

Како што објави на почеток на јануари годинава здружението за заштита на животните „Анима мунди“, фотографијата на Дранго датирала од декември 2024 година.

Според податоци од МВР, пак, Дранго останал без дозвола за поседување на оружје уште во 2018 година.

За да биде јавниот револт уште поголем, набргу по настанот Дранго изјави за тв Телма дека мечката со која позирал била усмртена во сообраќајка на патот Битола – Ресен, и дека имало полициски записник за настанот, но од битолската полиција негираа дека лани во декември имало таква пријава..

И додека се уште се чека на ОЈО Битола да обезбеди докази и да го повика пријавениот да даде исказ во обвинителството, тој се уште останува да врши јавна функција.

Дури и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е убеден во точноста на верзијата на Дранго, дека случајно нашол отепана мечка на патот, но оставал на службите да ја завршат законската процедура, па ако истрагата констатирала дека Дранго лажел, неговиот мандат немало да биде продолжен.

Во меѓувреме, вчера од политичката партија Левица соопштија дека поднеле кривична пријава против заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, поради сторено кривично дело незаконит лов, казниво по член 238 ст. (4) од Кривичниот законик.

-Пријавениот во декември 2024 година, додека бил на лов, иако како ловец знаел или требало да знае дека согласно Законот за дивечот и ловство трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во исклучителни случаи, а за време на кривичниот настан Министерството нема издадено таква дозвола, но и покрај тоа уловил редок дивеч-мечка и воедно со истиот улов се фотографирал во знак на „триумф“, известија од Левица.

Back to top button
Close