ЕУ разгледува опции за заострување на миграциската политика и зајакнување на своите надворешни граници
Министрите за внатрешни работи и надлежни за справување со миграција од 18 земји од Европската Унија и земји надвор од ЕУ денеска се состануваат во Минхен за да разговараат за понатамошно заострување на европската миграциска политика, зајакнување на надворешните граници, поголема улога на европската агенција за заштита на границите Фронтекс и поефикасно враќање на мигрантите кои немаат право да останат во Европа.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт ќе се залага за „спроведување промена во текот на миграциската политика“, а приоритетите на состанокот ќе вклучуваат понатамошно подобрување на Европскиот пакт за миграција, поконзистентно заострување на надворешните граници на ЕУ и забрзување на враќањето на мигрантите, јавија германски медиуми.
Портпаролот на Добринт изјави за германските медиуми дека Фронтекс би можел да се трансформира во „агенција за заштита на границите и ефикасно враќање“, што би ѝ дало на институцијата поголема улога во граничната контрола и процедурите за враќање. Се очекува Германија, Данска, Австрија, Холандија и Грција, исто така, да одржат одделни разговори за воспоставување центри за депортација, или центри за враќање, во трети земји.
Берлин, наводно, се надева дека ќе постигне договор со една земја во Африка и евентуално во Азија до крајот на годината.
Министрите ќе разговараат и за тоа како ЕУ може подобро да одговори кога надворешните граници одеднаш се изложени на силен миграциски притисок, како што е неодамнешното масовно преминување на границата меѓу Мароко и шпанската енклава Сеута.
Дневниот ред ќе ги вклучи и првите искуства во спроведувањето на Европскиот пакт за азил и миграција, кој стапи на сила на 12 јуни. На состанокот ќе присуствува и европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, додека се очекува да учествуваат претставници од вкупно 18 земји од ЕУ и надвор од ЕУ, вклучувајќи го и Обединетото Кралство.






