ДСЗИ не констатирал недостатоци во лекувањето на четиригодишното дете што почина во Струшката болница
Со оглед на фактот дека, како што е наведено, ДСЗИ нема надлежности во делот на стручната работа на здравствените работници и здравствените установи, согласно член 296 од Законот за здравствената заштита, до министерот за здравство ќе достави информација со иницијатива за вршење на стручен надзор во врска со лекувањето и третманот на починатото дете во Општата болница Струга
По смртта на четиригодишното дете од Лабуништа, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), при вчерашниот вонреден инспекциски надзор на Детското одделение во Општата болница Струга, не констатирал недостатоци во рамките на своите надлежности.
Според соопштението на ДСЗИ, при инспекцискиот надзор во установата било утврдено дека станува збор за дете со потешка форма на церебрална парализа, кое покрај тоа што било чест пациент на Детското одделение, било лекувано и на Клиниката за детски болести Скопје, како и надвор од државата.
„Во врска со последната здравствена состојба која завршила со фатален исход, детето во ЈЗУ ОБ Струга било донесено на ден 30 јануари годинава, кога му е поставена дијагноза J20-акутен бронхитис. Веднаш му е ординирана интравенски антибиотска терапија и инхалација и отворена му е историја на болест за претстој во дневна болница. При престојот во дневната болница на 1 февруари, нотирано е дека и после ординираната терапија, кај детето нема подобрување. Направени му се РТГ на бели дробови и лабораториски анализи“,стои во информацијата на ДСЗИ.
Наредното утро, наведува ДСЗИ, детето било донесено во тешка општа состојба, бледо, адинамично, без реакции на дразба, со површни респирации и брадикардично.
„Веднаш е поставено на терапија и кислородна поддршка, но во тек на терапијата здравствената состојба му се влошила со застој на респирации, срцева акција, како и проширени зеници. Веднаш е започната реанимација, повикан е и анестезиолог реаниматор и продолжено со истата, меѓутоа без реакција и во 9 часот 45 минути е констатирана смрт“,посочува ДСЗИ во соопштението.
Со оглед на фактот дека, како што е наведено, ДСЗИ нема надлежности во делот на стручната работа на здравствените работници и здравствените установи, согласно член 296 од Законот за здравствената заштита, до министерот за здравство ќе достави информација со иницијатива за вршење на стручен надзор во врска со лекувањето и третманот на починатото дете во Општата болница Струга.
Четиригодишно дете во неделата почина на Детското одделение во струшката болница, соопшти СВР Охрид. Случајот бил пријавен во полиција во 9:50 часот од медицински лица од Општата болница во Струга.
Како што информираше директорот на болницата Владимир Бунчески, четиригодишното дете имало тешка форма на церебрална парализа и загрозени витални параметри.
Во изјава за МИА тој посочил дека детето било донесено во многу тешка состојба со подраширени зеници и оти борбата на лекарите да го вртат во животот била неуспешна.
Детето било родено во Италија со тешка форма на церебрална парализа, каде што докторите им соопштиле на родителите дека ќе живее три до шест месеци.