ДУИ: Граѓаните заслужуваат гаранција на вредностите изградени врз Охридскиот договор
Соопштение на ДУИ:
Денес заврши една недела која на најјасен начин ја изложи малигната агенда на нелегитимната влада за провоцирање на меѓуетничката хармонија, поништување на Охридскиот договор и ограничување на колективните права на заедниците во оваа држава, изградени со толку многу труд и жртви.
Сè започна со одлуката на претседателот на Уставниот суд да ги извршува партиските наредби, реализирајќи ја иницијативата која ВМРО-ДПМНЕ ја има доставено до Уставниот Суд за оспорување на Законот за употреба на јазиците и продолжувајќи ја седницата и покрај заминувањето на судиите од етничките заедници.
Дополнително, закажувањето на седница за јавна дебата за репреговарање на Охридскиот договор претставува директен напад врз темелите на нашата меѓуетничка толеранција.
Само отпорот на граѓаните го спречи овој партиски егзекутор да ги дестабилизира етничките рамнотежи кои се изградени со голем труд.
Додека премиерот продолжува да молчи на нашите повици за повлекување на овие иницијативи од Уставниот суд, неговата влада продолжува со практичното ограничување на употребата на албанскиот јазик.
Оваа недела јасно видовме како во законите што Владата ги испраќа во Собранието, албанскиот јазик се елиминира, што е во целосна спротивност со актуелниот Закон за употреба на јазиците.
Исто така, министерот за образование предложи закон со кој се настојува да се наметне моноетничка супремација во образовните процеси, наметнувајќи ја македонската химна во сите училишта, без оглед на етничката припадност на учениците, и создавајќи јазична и културна асиметрија во школската документација.
Во меѓувреме, за политичарите албанци во оваа влада, избрани од ВМРО за да ја играат улогата на претставници на Албанците, не може да се каже ништо.
Тие се факторсо нула влијание поради потчинетоста кон својот патрон кој им дава мандат, нивната слабост и нивната секојдневна корупција, со што ги оштетуваат сите достигнувања на патот кон еднаквоста.
Демократската унија за интеграција ќе продолжи да ја разоткрива оваа антиалбанска агенда на оваа влада и корумпираното однесување на таканаречените албански претставници, кои го претворија политичкото претставување во фарса.
Граѓаните заслужуваат достоинствено претставување, заштита на своите права и гаранција на вредностите изградени врз Охридскиот договор. Ние ќе бидеме гласот што ќе ги брани овие принципи до крај.