ДУИ: Скандалозно незаконско именување во МРТ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение обвини дека со именувањето на заменик-генералниот директор на Македонската радио-телевизија е прекршен законот и побара надлежните институции да отворат истрага.

Од партијaта тврдат дека именуваното лице не ги исполнува законските услови и критериумите утврдени со јавниот конкурс, оценувајќи дека станува збор за незаконско именување.
Според ДУИ, особено загрижува тоа што на раководна позиција во јавниот сервис е поставено лице кое, како што наведуваат, нема работно искуство во новинарството, што, според нив, претставува деградација на професионалните стандарди и потценување на медиумските работници.
Партијата ја обвини коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за политизација на јавниот сервис, оценувајќи дека МРТ се претвора во инструмент на владината пропаганда.
ДУИ ги повика Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да покренат истражна постапка и да ја утврдат одговорноста на сите инволвирани во процесот.
Воедно, партијата апелираше и до Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, ОБСЕ, Советот на Европа и другите домашни и меѓународни организации што се занимаваат со слободата на медиумите да реагираат, оценувајќи дека станува збор за сериозна политизација на Македонската радио-телевизија.






