Мицкоски најави можно намалување на ДДВ за горивата: Кризата во Заливот ќе потрае, но имаме план и стратегија

Премиерот Христијан Мицкоски најави можно намалување на ДДВ за горивата, откако нивните цени во изминатиов период повторно значително се зголемија. Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата има во план да го намали ДДВ за нафтените деривари, премиерот рече:

„Да, планираме. Имаме јасна стратегија, јасен план“.

Мицкоски вели дека според анализите кои ги имаат, кризата на Блискиот Исток и состојбата во Заливот ќе продолжат повеќе од тоа што се предвидувало, односно уште неколку години.

Без да даде дополнителни детали за тоа какви мерки се очекува да преземе Владата во врска со растот на цените на дериватите, Мицкоски рече дека внимателно се преземаат чекори за да не се наруши макроекономската стабилност во државата, а од друга страна да се обезбедат најевтини горива за граѓаните и индустријата. Тој не одговори конкретно ниту на прашањето дали се разговара со нафтената компанија ОКТА во врска со обезбедување попуст за горивата, како што беше случај изминатиот период.

Премиерот останува на ставот дека земјава има најниски цени на горивата во регионот.

„Дизел-горивото во Македонија е за половина денар по литар поевтино од тоа во Албанија, за 35 центи поевтино од тоа во Србија и од 30 до 50 центи по литар поевтино од сите држави во регионот – Грција, Хрватска Словенија, БиХ, Црна Гора, без разлика дали станува збор за безоловниот бензин или за дизелот“ изјави Мицкоски.

Освен нашите, вели Мицкоски, на бензинските пумпи во земјава гориво точат и граѓани од соседството.

„Имаме доволно за да опслужиме поголем конзум на нафта и нафтени деривати до 50-60 проценти од времето пред кризата. И не воведовме забрана. Неколку аеродроми во регионот се снабдуваат со реекспорт од Македонија. Така што, бидете спокојни“,рече премиерот.

Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од денеска литар еуросупер БС-95 се продава за 93 денари за литар, еуросупер БС-98 чини 95 денари за литар, а литар дизел се продава за 101,5 денари за литар.

Back to top button
Close