Двајца пациенти со западнонилска треска се во критична состојба, уште тројца се под сомнение

Двајца од седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со потврдена западнонилска треска се во критична состојба и се на механичка вентилација, информираше директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.
Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години, кои се лекуваат на Одделот за интензивна нега. Дополнително, за уште тројца пациенти примени со дијагноза акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка се чекаат лабораториски резултати од Институтот за јавно здравје за да се утврди дали се заразени со вирусот на западен нил.
– Advertisements –
– Во моментов имаме седум потврдени случаи, а кај уште тројца постои сериозен сомнеж дека станува збор за истата инфекција – изјави Цана.
Тој посочи дека сите седум пациенти се од неколку скопски населби, а само еден од нив неодамна престојувал во Грција. И тројцата пациенти за кои се чекаат резултатите исто така се од Скопје.
Сите останати пациенти се постари од 60 години и имаат повеќе коморбидитети. Тие се стабилни и се лекуваат според современите медицински протоколи. Токму оваа возрасна група е најизложена на тешката инвазивна форма на вирусот – нагласи директорот.
–
Цана предупреди дека кај пациентите со западнонилска треска може да дојде до нагло влошување на здравствената состојба, поради што е неопходна хоспитализација и постојан медицински надзор.
Тој потсети дека за ова вирусно заболување не постои специфична терапија, туку лекувањето е насочено кон ублажување на симптомите и обезбедување поддршка на виталните функции, согласно светските медицински протоколи.
Од Клиниката за инфективни болести велат дека установата останува целосно подготвена за прием и лекување на пациенти и дека е во постојана координација со надлежните здравствени институции. Воедно, апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на здравствените власти за заштита од комарци и намалување на ризикот од инфекција.
Шеесет и шестгодишниот пациент бил примен на Клиниката на 26 јули, а поради влошување на здравствената состојба бил интубиран и ставен на механичка вентилација. Според Цана, тој не патувал надвор од државата и има повеќе придружни заболувања.






