Два разорувачи на американската морнарица поминаа низ Ормутскиот теснец и покрај иранските напади

Два разорувачи на американската морнарица – USS Truxtun и USS Mason – успешно поминале низ Ормусткиот теснец и влегле во Персискиот Залив, откако одбиле координиран напад од иранска страна, јавуваат американски медиуми.

Според извештаите, нападот вклучувал ракети, дронови и мали брзи чамци, но и покрај интензитетот, ниту еден од бродовите не бил погоден. Разорувачите биле поддржани од хеликоптери „Апачи“ и други воздухопловни средства.

Покрај воените бродови, и два трговски брода под американско знаме безбедно го поминале теснецот, соопшти Централната команда на САД, во рамки на иницијативата „Проект Слобода“, најавена од Доналд Трамп.

Тензиите во регионот остануваат високи, откако Иран претходно предупреди дека ќе нападне странски сили доколку се приближат до теснецот. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека не постои воено решение за кризата и предупреди на ризик од ескалација, и покрај напредокот во мировните преговори.

Ескалацијата следеше по нападите што САД и Израел ги извршија врз Иран кон крајот на февруари, по што Техеран возврати со акции против американски и сојузнички цели и го затвори Ормутскиот теснец. Примирјето стапи во сила на 8 април со посредство на Пакистан, но засега нема траен договор, додека Вашингтон продолжува со поморска блокада насочена кон иранскиот сообраќај во регионот.

Back to top button
Close