Двегодишна суспензија и парична казна за македонските судии Начевски и Николов – реши ЕХФ


Европската ракометна федерација ги казни македонските ракометни судии – Ѓорѓи Начевски и Славе Николов со двегодишна суспензија, плус парична казна поради наводна манипулација со фитнес тестовите пред стартот на овогодинешното ЕП. Суспензијата се однесува на сите натпреварувања што се под капата на ЕХФ.

„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонскиот судиски пар Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Пред машкото ЕХФ ЕВРО 2026, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од С. Македонија поради наводна манипулација со прикачените видео снимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази“.

Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, Спортрадар, Ракометниот суд на ЕХФ дојде до заклучок дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции.

Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување. Секој судија мора да плати казна од 5.000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ.

Жалба може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“, стои во известувањето на ЕХФ.

Back to top button
Close