Ќе извади ли СДСМ билет во еден правец?

Имаше времиња кога „владеењето“ на струите и кујните во главните македонски политички партии беше една од неопходните „инсајдерски“ алатки за подобро разбирање на домашната политика.

Во првите 10-15 години од демократијата, во власта и во опозицијата седеа главно млади лидери – со пет-шест влијателни исклучоци, од типот на Глигоров и уште неколку политички и, особено, бизнис „реликвии“ од времето на комунизмот – па динамиката и пресметките на политичката сцена, барем навидум, се одвиваше на фронтот на идеите и идеологиите. Во земјата (всушност, како и во целиот пост-комунистички свет) главниот збор го водеа партиски првенци/јуришници и јавни интелектуалци и академици главно во своите потентни триесетти и (сметани за „постари“!) четириесетти години од животот.

ЗА КОРМИЛОТО И КРМАТА

Но, додека политичките копја јавно се кршеа (и се остреа) меѓу либералните и националистичките вредности, во позадината се случуваше темелниот процес на прераспределбата на социјалистичкиот во капиталистички имот. Тоа „длабински“ и на долг рок ќе ги одреди насоките на развојот на земјата. Бурните случувања во самата политика и оние врзани за безбедноста на земјата, како регионалните војни до средината на деведесеттите, атентатот врз Глигоров, воениот конфликт во 2001 и погибијата на Трајковски, ќе ја „маскираат“ и ќе ја потиснат во втор план (на задоволство на бизнис-„бароните“) редистрибуцијата на општествениот, во приватен капитал.

Во тие времиња, меѓу другото, за да се разберат процесите, во партиите беше упатно да се знае кој со кого спие, која УДБА/ДБК стои зад кого и кого (не) поддржуваат Американците.

Потоа околу средината на двеилјадитите, двата принципиелни лика на македонската партиска конфронтација – Црвенковски и Георгиевски – полека ќе „фејдаутираат“, главно зафатени со своите внатрепартиски манипулации како да се напушти кормилото на бродот, а да се задржи правецот на пловидба. Таа историја релативно добро ја знаеме: Рада и Бучко не успеаја долго да пливаат како зарзават во мрсните „паприкаши“ на Бранко, а Љубчо мислеше дека, за атер на странците, ќе направи „кратка пауза“ со Грујо, па за неколку години подновен и подмладен да се вратат со Снешка на власт во своето ВМРО. Ништо од бизнисот.

РЕДИСТРИБУЦИЈА НА РЕДИСТРИБУЦИЈАТА

Така почна ерата на Груевски, што ќе трае цела деценија. Во ВМРО набрзо се укинаа кујните, а се воведе една партиска менза во која дневното мени го сервираа исклучиво братучедите – другите партиски функционери, наредени во колона со пластичните послужавници во рацете, можеа со главното јадење да ја бираат само салатата: кисели краставички или цвекло, од преклански конзерви.

Додека таа екипа ја одработуваше новата варијанта на редистрибуцијата на капиталот – претходните од социјалистички во капиталистички, овие од капиталистички во груевистички – од Струмица се зададе еден „темен облак“ што на сите ќе им ги поремети партиските „сунчања“. Уредно си го потценија, а после беше касно.

Добро, и таа историја ја знаеме. И секој си има своја верзија за неа, во зависност од тоа колку го мрази или го сака Заев. Разликите се како небо и земја.

Колумната на сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close