Една година од масовното убиство во основното училиште во Белград

Србија денеска одбележува една година од масовното убиство во основното училиште во центарот на Белград.

Годишнината се одбележува со еднодневна комеморативна програма наречена „Будење“.

Пред училиштето „Владислав Рибникар“ се собираат роднини и пријатели на убиените, но и граѓани кои во текот на целиот ден ќе може да остават цвеќе и да се запишат во спомен книгата за сеќавање на деветте ученици и училишниот чувар кои беа застрелани со пиштол на 3 мај 2023 година од страна на нивен малолетен соученик.

Прозорците и ѕидовите на делот од училишната зграда каде се случи убиството се покриени со бело платно на кое се нацртани сини птици.

Во масовно убиство на 3 мај 2023 г. во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, ученик од седмо одделение уби девет ученици и еден училишен чувар.

Во 8:41 часот утрото, што го означува времето кога малолетниот ученик почнал да пука, во знак на сеќавање била пуштена сирената, а медиумите во Србија на една минута прекинаа да емитуваат програма.

Целиот простор околу училиштето, кој е наречен „Простор на тишината“ е затворен за сообраќај.

Кај споменикот на поетесата Десанка Максимовиќ во блискиот парк Ташмајдан од 9 до 19 часот ќе се организира трибина на која граѓаните ќе разговараат за прашања поврзани со причините и последиците од масовните убиства на 3 и 4 мај 2023 година.

Во Студентскиот културен центар во 20 часот ќе се одржи завршната музичко-сценска програма, а поради ограничениот простор, граѓаните ќе можат да го следат настанот на екранот поставен на Ташмајдан, како и во живо на телевизија.

На 3 мај 2023 година, 13-годишен ученик од Основното училиште „Владислав Рибникар“ ги уби Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13). ), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и Драган Влаховиќ (53).

Беа ранети и пет ученици и една наставничка.

На 15 ноември 2023 година, Вишиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето кое го изврши масакрот.

Обвинетите се и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик одел да учи да пука со својот татко..

Ученикот-напаѓач не одговара пред законот бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.

Ден по пукањето во училиштето „Владислав Рибникар“, 21-годишно момче со автоматско оружје уби девет лица во селата Дубона и Мало Орашје во околината на Младеновац кај Белград.

Во мај 2023 година, масовните убиства предизвикаа неколкумесечни протести во градовите низ Србија.

 

Back to top button
Close