Енергоатом: Нуклеарната електрана Запорожје целосно престана да работи

Работата на нуклеарната електрана Запорожје, која е под руска контрола, е целосно прекината како мерка за безбедност на централата, соопшти денеска украинската енергетска компанија Енергоатом.

Компанијата прецизираше дека го исклучила шестиот реактор на нуклеарната централа од електричната мрежа во 03:41 часот по локално време.

– Во тек се подготовки за да се излади и да се доведе во студена состојба, соопшти Енергоатом.

Компанијата додаде дека вчера успеала да ја обнови инфраструктурната врска на централата со електричниот систем, кој, според „Енергоатом“, бил оштетен од руско гранатирање. На овој начин повторно стана возможно централата да се напојува од украинскиот енергетски систем.

– Донесена е одлука да се исклучи блокот број 6 и да се доведе во најбезбедна состојба – студена, се вели во соопштението на енергетската компанија.

Енергоатом во исто време нагласи дека „останува висок ризикот од предизвикување дополнителни штети на инфраструктурата“, што би создало потреба од „напојување на централата со дизел генератори, а ова решение би било краткорочно, земајќи ги предвид технолошкиот ресурс и количината на достапно дизел гориво“.

Киев во средата ги повика сите жители на областите окупирани од Русија околу нуклеарната централа Запорожје, која е најголемата нуклеарна централа во Европа, да се евакуираат заради нивна безбедност.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на централата, што може да доведе до нуклеарна катастрофа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика областа околу централата да се демилитаризира.

 

 

Back to top button
Close