Ентони Хопкинс потпиша договор за снимање како композитор

Британскиот глумец Ентони Хопкинс, вели дека ја остварил својата „прва желба“ да потпише договор за снимање како композитор.

Ѕвездата на оскаровскиот „Кога јагнињата ќе стивнат“, денес 88-годишен, потпишал договор со „Дека класик“ (Decca Classics) и следниот месец ќе го издаде својот прв албум преку оваа издавачка куќа, насловен како „Животот е сон (Life Is A Dream)“ – збирка дела на коишто работел скоро 60 години. Од неа, првиот сингл на Хопкинс – „Bracken Road (Патот на папратите)“ е објавен денеска.

„Музиката беше мојата прва желба – компонирам музика целиот свој живот. Некои од овие дела со десетлетија живееја со мене и сè уште се навраќам на нив. Целиот мој живот е сон. Потпишувањето со ’Дека’ е чест за целиот живот“, објави оскаровецот на својот интернет-простор.

– Огромна привилегија е што големиот сер Ентони Хопкинс ѝ се придружи на „Дека класик“. Неговата длабочина на дарбата и познавањето на класичната музика, усовршени во текот на целиот живот, е задоволство да се прослави со овој нов албум. Слушањето како неговите неверојатни композиции оживуваат на сесиите за снимање во Лондон со Густаво Дудамел и Филхармонискиот оркестар беше искуство што се случува еднаш во животот и со возбуда го носиме на светот, изјави претседателката на „Дека“, Лора Монкс.

Хопкинс смета дека вистинска привилегија за него било да соработува со Филхармонискиот оркестар и соловиртуозите – виолончелистот Грегорио Нието и класичниот пијанист Серџо Тиемпо. Музиката ја изведува диригентот, инаку добитник на „Греми“, Густаво Дудамел, а Филхармонискиот оркестар ќе го одрази животот на Хопкинс кој со неговото семејство живеел и растел во Велс.

Албумот ќе биде објавен на 21 август.

„Мојата најдлабока благодарност и почит одат кај маестро Дудамел, чија уметност е составен дел од ова музичко патување. Со грациозната прецизност на неговата палка, тој ја преобрази секоја нота со длабоко и неизбришливо значење, создавајќи сликовит пејзаж што го кани слушателот да почувствува и замисли нешто уникатно и лично“, додаде Хопкинс.

Улогата на Хопкинс како канибалот-убиец Ханибал Лектор во „Кога јагнињата ќе стивнат“ му ја донесе наградата за најдобар актер на „Оскарите“ во 1992 година. Потоа глумеше и во продолжението на „Тишината на јагнињата“ од 2001. – „Ханибал“, и во претпродолжението „Црвениот змеј“ (2002). и во десетици други филмови. Актерот освои втор „Оскар“ во 2020 година за неговата улога во „Таткото“ на Флоријан Зелер, филм во којшто глумеше покрај Оливија Колман.

Back to top button
Close