ЕП: Македонските одбојкари вечерва против европскиот првак Полска

Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска од 18. часот во софиската „Арена 8888“ во рамки на третото коло во групата Б на 34. Европско првенство за противник го има бранителот на титулата Полска.
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски во двата воведни дуели претрпеа идентични порази од 3-0 од Бугарија и Украина, а вечерва им претстои исклучително тешка задача против еден од главните фаворити за европското злато.
Полска ја отвори групната фаза со максимална победа над Португалија, а без загубен сет во второто коло го совлада Израел.
Македонските одбојкари допатуваа на своето четврто по ред Европско првенство со амбиција да се пласираат во нокаут фазата за што клучни ќе бидат преостанатите два дуели против директните конкуренти во групата Б – Португалија, во вторник од 15 часот, и дуелот против Израел, в среда во истиот термин.






