ЕСМ склучи договор за реализација на проектот „Топлификација на Битола, Новаци и Могила“
Според Заев, со предвидената изградба на когенеративната гасна електрана, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија и која ќе биде замена за два блока на јаглен во РЕК „Битола“, се инвестира во топловодната мрежа, за таа да биде економски оправдана во иднина
АД ЕСМ потпиша договор за реализација на проектот „топлификација на Битола, Новаци и Могила“, кој во првата фаза чини 34 милиони евра, објави премиерот Зоран Заев.
Економскиот оператор „RBA конзорциум“, како што наведува Заев, набрзо ќе почне со изградба и поставување на цевките.
„После 40 години постоење на РЕК ‘Битола’ и децениско размислување за реализација на овој проект, за само неколку години стигнавме до потпишување договор, а за кратко време и почеток на изградбата на топловодот од РЕК „Битола“ до градот Битола. На овој начин жителите на Битола, Новаци и Могила ќе добијат парно греење, како најблиски населени места што гравитираат околу комбинатот. АД ЕСМ сега го направи проектот ‘Топлификација’ економски исплатлив, што претходно не беше. Со предвидената изградба на когенеративната гасна електрана, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија и која ќе биде замена за два блока на јаглен во РЕК Битола, се прави инвестицијата во топловодната мрежа, за таа да биде економски оправдана во иднина“, напиша Заев на Фејсбук, посочувајќи дека претходно не било јасно што ќе биде со топловодната мрежа кога РЕК „Битола“ ќе згасне ваков каков што постои, односно на јаглен.