ЕУ ќе организира донаторска конференција за Турција и Сирија

Европската комисија и шведското претседателство со ЕУ на 20 март ќе бидат домаќини на Меѓународната донаторска конференција во Брисел за поддршка на погодените од разорниот земјотрес во Турција и Сирија што се случи на почетокот на февруари.

Како што соопшти денеска Комисијата, ЕУ и нејзините членки планираат да ветат значителна помош за закрепнување и обнова во Турција и Сирија.

– ЕУ ги повикува меѓународните партнери и светските донатори да покажат солидарност со луѓето во Турција и Сирија во тешки околности и да ветат помош во согласност со обемот на штетата, соопшти ЕК.

Кодомаќини на конференцијата, која се организира во координација со турските власти, ќе бидат претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

Се наведува дека донаторската конференција ќе биде отворена за членките на ЕУ, кандидатите и потенцијални кандидати за членство, соседи и партнери на ЕУ, членки на Групата 20 без Русија, ОН, меѓународни организации, меѓународни и европски финансиски институции.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ, како што вети, ќе продолжи да покажува солидарност со Турција и Сирија на долг рок.

Кристерсон рече дека Шведска, како претседавач со ЕУ, ќе направи сè што може, заедно со партнерите, да им помогне на погодените од земјотресот во следната фаза на реконструкција и закрепнување.

Подготовките за Меѓународната донаторска конференција се во тек по првите разговори меѓу европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, шведскиот министер за меѓународна развојна соработка Јохан Форсел и турските власти за време на неодамнешната посета на европските претставници на Анкара.

По разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари, ЕУ веднаш испрати помош преку својот механизам за цивилна заштита во форма на спасувачки и медицински тимови, засолништа и лекови.

Севкупно, ЕУ испрати хуманитарна помош за Турција за итни потреби во вредност од речиси 12 милиони евра, а за Сирија околу десет милиони.

 

Back to top button
Close