ЕУ-поглавје 27 на дело – како Македонија оди кон Унијата со загадување на реките?

Поглавјето 27 од преговорите за пристапување во ЕУ е поглавјето за животна средина и климатски промени, еден од најсложените и најобемните делови од законодавството на ЕУ, но и одд најголемите предизвици за Македонија. Ова поглавје го опфаќа управувањето со водите и отпадот. Како државата се справува со овој проблем и дали воопшто има кадар за да воведе ред?
Стиропори, остатоци од реновирања, кабли, мебел затрпан со земја, црева и најлони – широк е спектарот на отпад фрлен на речниот брег и во речното корито на Вардар, што можевме повеќе пати да го видиме во тетовско во минатите месеци. Кога започнавме со работа на темата минатиот декември, можевме да видиме како двајца мажи исфрлаат отпад на нелегална депонија на брегот на Вардар во близина на тетовското село Сиричино. На тоа место отпадот од гуми, куфери, остатоци од столици и градежен шут имаше создадено мала брана во речното корито. На дивата депонија кучиња имаа најдено дом и бараа извор на храна.

Најлони и ткаенини висеа на дрвјата над речното корито како декорација на човековата неодговорност – слика што ја документиравме на повеќе места по течението на Вардар во тетовско. Се распрашавме дали реката Вардар отсекогаш била така загадена. Во Сиричино можевме да разговараме со жителката Антина Николовска.

„Порано беше чисто. Јас кога дојдов, многу одамна, 1972 година, стари баби се капеа по фусти во Вардар. Сега, еве едно 15-20 години, сето ѓубре е по Вардар. Никаде не е совесно. Мислам дека како нашето село нема никаде. Сѐ расфрлано. А, сѐ тече по Вардар – и пцовисани животни и сѐ живо оди по Вардар. Таа вода кој ќе ја гази? Јас се чудам сега кога ќе дојде за 19 (за Водици, н.з.) како се фрлаат децата? Јас да сум не се фрлам цел свет да ми го дадат. Јас не би се фрлила, затоа што сега има секакви болести. Фрлаат стакло, фрлаат железо, фрлаат ова-она. Може да се исечат. Да остане инвалид за цел живот. За ова треба да се преземе голема мерка. Од тие луѓе, кои се клучни луѓе, главни луѓе – од каде што треба да почне. Од коренот“, вели жителката на Сиричино, Антина Николовска.
Со ланскиот пластичен отпад пловеле и топки со логоа на ФФМ и Лига на шампионите
Во октомври и ноември 2025 година на површината на матните води на Вардар двапати пловеа огромни количини на пластични шишиња. Во Сиричино повеќе луѓе ни укажаа дека со шишињата пловеле и фудбалски топки со амблеми од ФФМ, кои деца ги ваделе од Вардар.

„Гледам и моето еднаш се придружило, но јас го запрев. Не смее така да биде. Може да се удави за една топка. Јас ќе му купам сто, не една – за толку имам пензија. Му забранив на моето, а топки збирале – по пет, 20… Од кај доаѓале, не знам“, вели Николовска, која ја прашавме дали имало многу топки. „Многу. Од каде се тие? Тоа се сигурно испуштени, расипани, нема да се нормални тие топки. Ете, тоа сум го слушнала од овдешни децата – ги земаа и си играа некои деца“, додава Николовска.
Прегледувајќи ги снимките уште еднаш, на една од нив воочивме топки. Се вративме во Сиричино по скоро пет месеци. Децата играа фудбал со една од топките извадени од Вардар. Лани седум биле со знакот на ФФМ. Имало и со други натписи, како на пример Лига на шампионите. Единствениот тим од Македонија, којшто се натпреваруваше во квалификациските рунди за Лигата на шампионите, беше Шкендија од Тетово. Сопственик е фирмата Еколог Интернешнал, којашто меѓу другото се занимава со логистика, градежништво, отпад и прочистување на води.

Прашавме во Обвинителството дали е постапувано по овој случај и ни беше нагласено дека не можат да излегуваат на терен за сите шишиња што пловат по Вардар. Прашавме и во ФФМ кој ја одржува хигиената на стадионите. Тоа најчесто не било доверено на специјализирана фирма и се реализирало со ангажман на внатрешниот персонал.
„По завршување на еден фудбалски натпревар најчесто останува отпад од амбалажен карактер. Доминираат хартија и пластика, чаши, шишиња, салфетки и различни пакувања од пијалаци и храна. Во ВИП-просториите и ресторанските делови може да се појави и мала количина органски отпад, односно остатоци од храна, но тие се во значително помал обем. Отпадот од стадионите понатаму се презема од надлежните комунални служби и се транспортира до депонија“, објаснуваат во Фудбалската федерација на Македонија.
Во Фудбалската федерација на Македонија ни рекоа дека како донација им даваат нови топки на фудбалските клубови во Македонија со логото ФФМ. Старите најчесто завршувале во депонијата Дрисла.
„Кога станува збор за спортската опрема, како што се старите фудбалски топки, кои повеќе не се употребливи за тренинг или натпревар, нивниот третман е сличен. Наместо повторна употреба или донација, тие најчесто завршуваат како отпад и се транспортираат во Дрисла“, велат во ФФМ.
Низок степен на одговорност
По првиот од ланските инциденти со пластични шишиња и топки во Вардар, жителите сведочеа дека сѐ започнало околу осум часот наутро и изразија сомнеж дека тој отпад е намерно донесен и фрлен во Вардар – мислење што тогаш го делеше и градоначалникот на Јегуновце.
„Сметам дека тој комунален смет е пуштен по Река Вардар, којшто помина низ Општина Јегуновце“, рече Димитар Костадиновски, градоначалник на Општина Јегуновце, во изјава за ТВ Телма на 29.10.2025.
По скоро половина година прашавме во општината дали се откри кој го исфрлил тој отпад во Вардар?
„Загадувањето е резултат на акумулација на отпад, донесен од повисоките делови на водотекот. Општина Јегуновце не е причинител на настанатата еколошка состојба, туку претставуваше транзитна општина со должина од седум километри. Отпадот е донесен по водниот тек од други подрачја. Општина Јегуновце го пријави случајот против непознат сторител до МВР, но до овој момент немаме информации за исходот“, информираа од Општина Јегуновце.

Прашавме во МВР дали по пријавата од Јегуновце се откриени сторителите – физички или правни лица, но одговор не добивме. Бевме информирани дека од 2020 до 2025 година се региститани девет кривични дела за загадување на реки, при што се поднесени пријави против осум физички и три правни лица, како и една пријава против непознат сторител.
„Во периодот од 2020 до 2025 година, од вкупно регистрирани 17 кривични дела ‘загадување на животната средина и природата’, четири кривични дела се однесуваат за загадување на реки, за што кривично се пријавени четири физички и три правни лица. Според локација, две дела се на подрачје на Неготино и по едно на подрачје на Делчево и Струга. Во однос на кривичните дела ‘загрозување на животната средина и природата со отпад’, од вкупно регистрирани 91 кривично дело, пет кривични дела се однесуваат за загадување на реки, за што мерки на кривичен прогон се преземени против четири физички лица, а една пријава е против непознат сторител. Според локација, четири кривични дела се на подрачје на Скопје, а едно на подрачје на Тетово“, не информираа во МВР.
Во Државниот инспекторат за животна средина гледаат проблем во работата на комуналните инспектори во општините.
„Ова настанува заради слаби услуги на јавните комунални претпријатија и немање надзор од општинските комунални инспектори и редари“, забележуваат во Државниот инспекторат за животна средина.
Контрадикторни тврдења од две институции
На 4 Април годинава водата во реката Вардар побеле, по што Општина Гостивар информираше дека „Инспекциските служби преземаат мерки за утврдување на состојбата, со цел заштита на нашето најголемо заедничко богатство – реката Вардар“, како и дека нема да се дозволи „нејзино загадување и деградација од ничија неодговорност. Секое прекршување ќе биде санкционирано без компромис“. Прашавме во општината – што утврдија општинските инспектори, кој ја обои реката во бела боја и дали е поднесена пријава против физичко или правно лице?
„Во врска горе поставените прашања до Општина Гостивар, Ве известуваме дека во соработка со Државните инспектори за животна средина, кои спремат записник во координација со Инспекториатот на Општина Гостивар, се претпоставува дека се работи за инсталација со А-еколошка дозвола. Затоа, за панатамошните активности и можни мерки, може слободно да се обратите во Министерство за животна средина“, ни одговори Зуди Џелили од Општина Гостивар.

Во Државниот инспекторат за животна средина, којшто е во склоп на Министерството, бевме упатени да се обратиме кај вишиот државен инспектор за животна средина д-р Љатиф Љатифи, којшто е раководител за Полошкиот регион. Д-р Љатифи, кој има докторирано на вештачење на површински води за докажување криминал во животната средина, ја демантира Општина Гостивар, велејќи дека „мора да се напомене дека нема А-инсталација покрај Река Вардар во Гостивар“. Тој нѐ информираше дека на терен излегол и обвинител, бидејќи постоел сомнеж за кривично дело.
„Така е спроведен заеднички надзор со јавниот обвинител и со претставници на крим-техника при МВР. Мора да се напомене дека, во случаи кога се прави заеднички надзор со Јавното обвинителство, според законот се работи по негови инструкции и сите правни акти ги зема Јавното обвинителство. Во моментот на надзорот реката беше избистрена и се состави записник за фактичката состојба на реката. Уредно и навреме е предаден записник до Јавното обвинителство и се чекаат насоки од јавен обвинител за понатамошна постапка“, објаснува д-р Љатифи.
Во Обвинителството ни беше речено дека јавен обвинител издал повеќе наредби и насоки, по кои се постапува и надлежни институции работеле на испитување на причините за инцидентот.

„Во предистрага Обвинителството не е во можност да споделува какви наредби издава и до кого, но сите се однесуваат за испитување на причините“, ни беше речено во оваа институција.
Раководителот на државната инспекциска служба за животна средина во Полошкиот регион ни потврди дека има многу нелегален отпад на бреговите на Вардар и ни ги објасни казните.
„Санкциите за загадување на речните води, односно стручно површинските води, зависат од многу факторири: прво од големината на правниот субјект (микро, мал, среден и голем), видот на загадувањето, последиците итн. Максималната може да е 200.000 илјади евра во денарска вредност, плус санкција на одговорното лице, а може да се изрече и кривична пријава“, објаснува вишиот државен инспектор за животна средина, д-р Љатиф Љатифи, којшто воедно е и раководител за Полошкиот регион.
Битка без доволно персонал
Слика за односот кон реките беше и ланската пена во каналот во Таор, од кој отпадната вода од една скопска општина и три пригратски се влева во Вардар. Случајот беше објавен на 21 Ноември 2025 година, а кон крајот на јануари 2026 година се соопшти дека во каналот во Таор се наоѓале зголемени нивоа на жива, сребро, термотолерантни колиформни бактерии, нитрити и азот. Прашавме во Државниот инспекторат за животна средина – кој е загадувачот и дали имало санкции?

„Се претпоставува дека два дена претходно имало истекување на пена од автоперална во Ченто, Скопје, во одводен канал и тој е споен со Таорскиот. Од наша страна нема, а Град Скопје го санкципнираше сопственикот на автопералната“, нѐ информираше генералниот инспектор, Дарко Блинков.
Прашавме и во Општината Зелениково дали општинските инспектори утврдиле кој бил изворот на загадувањето, дали се поднесени пријави во МВР и Обвинителството и доколку е лоциран изворот на загадување, какви санкции се изречени?
„Општина Зелениково во моментов не располага со овластен Инспектор за животна средина, но поради итноста на ситуацијата беше формирана Комисија за увид, која излезе на терен за да ја утврди фактичката состојба. Дополнително, Општина Зелениково достави барање до Државниот инспекторат за животна средина за преземање на мерки и понатамошно постапување. Во однос на потеклото на водата, каналот кај с. Таор е дел од системот кој ги собира отпадните води од Гази Баба, Арачиново, Илинден и Петровец и истиот завршува во реката Вардар“, ни одговори Габриела Димишковска, која е технички секретар на градоначалникот на Општина зелениково и задолжена за односи со јавноста.

Немањето инспектори или нивен доволен број не е пример само во оваа општина. Во Министерството за животна средина ни беше речено дека им фалат 28 инспектори и вкупно околу 100 нови вработувања, како и нови возила, за да може да функционираат. Во оваа институција сакаат јавно да бидат достапни податоците за загадувачите на реките.
„Во тек се законски измени со кои ќе се воведе задолжително електронско известување за емисиите. Целта е во наредниот период податоците да станат јавно достапни преку веб-портал, што ќе овозможи граѓаните да проверат кои субјекти испуштаат материи во одредена река и количини на испуштени загадувачи. Приоритетот е насочен кон најголемите извори на загадување, со цел максимален ефект врз заштитата на водните ресурси“, ни беше соопштено во ова министерство.
И институциите, коишто го следат квалитетот на речните води – Институтот за јавно здравје и Управата за џидрометеоролошки работи имаат недостаток на кадар, но и на пари.

„Потенцирам дека ние како Институт за јавно здравје речиси без никкава помош од државата ги зајакнавме нашите капацитети и во однос на обука на кадар и во однос на проширување на акредитираните методи. Не е доволно да издадете резултат и да не знае странката – тој што ви го побарал резултатот, што сега со него? Значи некој да ви даде толкување. Во моментот и ние, и регионалните центри за јавно здравје, но и УХМР имаме проблем со доволен број на луѓе за теренски активности. Би сакала да видам поголема иницијатива на државата да вложува во лабораториите од јавен карактер. Би сакала да се насочат повеќе средства кон Институтот и регионалните центри за јавно здравје за зајакнување и проширување на опсегот на акредитирани методи. Ако сакаме да имаме комплетна слика што се случува со сите типови на вода, вклучително и површинските води на река Вардар“, објаснува проф. д-р Мирјана Димовска, раководител на Одделение за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје
На огласите за работа во УХМР не се пријавувале кандидати, поради пониските плати од приватниот сектор, а немало ни доволно кандидати на организирани обуки за вработените. На обука, за која се обезбедиле 60.000 евра, се пријавиле само тројца вработени.

© Александар Методијев
„УХМР има големи предизвици. Најголем предизвик досега беше опремата. Меѓутоа во нашиот сектор, значи сектор за квалитет на води, последните две години преку два проекта преку ИПА проект се доби опрема. Исто така и од другиот проект финансиран од швајцарската Програма за води, се доби опрема. Значи ние со опремата сме целосно обезбедени, меѓутоа голем предизвик е сега кадарот – стручниот кадар и финансиските средства. Голем проблем е нивото на платата. Платите се многу ниски. Така што нема интерес од професионалци за вработување и задржување кај нас. Тоа е голем проблем. Се случувало и на огласи да нема пријавено ниту едно лице за вработување“, ни објасни д-р Шерибан Рамани, раководителка на сектор за квалитет на води при Управата за хидрометеоролошки работи.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.






