ЕУ предупредува дека Европа мора да се подготви за затоплување од три степени

Европа мора да се подготви за екстремни временски услови и сценарио на глобално затоплување од три степени Целзиусови до 2100 година, изјави денеска европскиот комесар за клима Вопке Хукстра, најавувајќи нови правила на ЕУ со кои од државите членки ќе се бара јасно да одредат кој е одговорен за заштита на граѓаните од климатски катастрофи.

Како што пренесе „Јуроњуз“, Европската комисија денеска ќе претстави предлог со кој би се прецизирало дали за подготовката за климатски катастрофи се одговорни националните, регионалните или локалните власти. Државите членки самите ќе можат да ги распределат надлежностите, но ќе мора јасно да ги дефинираат.

Хукстра предупреди дека светот се движи кон привремено, а можеби и подолготрајно пречекорување на границата на затоплување од 1,5 степени Целзиусови, утврдена со Парискиот договор, поради што е неопходна подготовка за сè поекстремни горештини и климатски катастрофи, дури и со успешно намалување на емисиите.

Според проекциите на Европската комисија, глобалното затоплување би можело да достигне два степени до 2050 година и три степени до 2100 година, при што Европа се затоплува приближно двојно побрзо од глобалниот просек.

Хукстра процени дека економската штета од екстремните временски услови ова лето надминала 100 милијарди евра. Меѓутоа, стратегијата не предвидува нови средства за помош на домаќинствата во приспособувањето кон климатските промени.

Хукстра укажа на предлогот 35 отсто од буџетот на ЕУ да се насочат кон климата и природата, како и на 30-те милијарди евра кои Европската инвестициска банка ги најави за вложувања во климатско приспособување до 2030 година. Финансирањето, меѓутоа, ќе зависи и од преговорите за следниот повеќегодишен буџет на ЕУ, во кој средствата за климатски мерки се натпреваруваат со приоритетите како што се одбраната, безбедноста, конкурентноста и земјоделството.

Комисијата планира и соработка со секторот за осигурување, со оглед на тоа што, според наводите на нејзин висок претставник, осигурени се само околу 25 отсто од имотите изложени на климатски ризици.

Хукстра оцени дека превентивните вложувања се економски оправдани, но не најави нова програма за поддршка на домаќинствата ниту објасни како ќе се обезбеди граѓаните со пониски приходи да можат да ги финансираат неопходните приспособувања.

Back to top button
Close