Еуростандард банка – жртва на криминалот
Деновиве во етерот и медиумите одекна информацијата, поврзана со истрагата на која што сериозно почнаа да ѝ се посветуваат органите на прогонот во земјата, поврзана со бизнис елитата од Струмица, долгогодишни клиенти на банката.
Повторувам по илјада пати дека јас како акционер на банката не познавав ниту еден правен субјект-клиент од Струмица, а уште помалку да сум посредувал за нивното влегување како клиенти на банката.
Целата политика ја водеше тогашниот Управен одбор, на чело со тогашниот директор Николче Петкоски, кој цели 10 години од мене беше почитуван како стамен банкар. Убеден бев дека банката ќе ја развива во насока на заемен интерес. Кога велам заемен, најнапред мислам на задоволните клиенти, правни-физички лица на банката, задоволни вработени, естаблишментот на банката и на крајот ние, акционерите.
Господинот Генерален директор Николче Петкоски го чувствував како дел од моето семејство со неограничена доверба.
Длабоко ја почувствував на своја кожа и за жал доцна ја научив мудроста на В. Черчил кој вели: „Верувај, ама и проверувај„. За жал јас не проверував.
Системот на таканаречени незаконски позајмици во Еуростандард банка, беше имплементиран со посредство на Комерцијална банка. Во моментот кога јас како акционер разбрав дека Еуростандард банка станува полигон за лоши пласмани, веднаш преземав мерки да се стопираат таканаречените позaјмици, кои во најголем дел одеа кон фирмите на Крмзов, Струмица и Галафарм, Скопје.
Го променив Управниот одбор и секојдневно се обидував да стапам во контакт со господинот Крмзов, со цел да ги расчистиме нашите сметки. За жал тој цело време за мене беше недостапен.
Мојата животна професија е стопанственик. Теоријата и праксата ми покажаа да не верувам во генијалноста на поединците, кои околу себе прават мрежа на многу поврзани фирми, бидејќи таквиот начин на стопанисување има само една цел – да се прескокнат обврските кои треба по закон да се реализираат.
Токму во моментот кога решивме да застанеме на патот на така-наречените нелегални позајмици, Еуростандард банка беше осудена на смрт, бидејќи со нашето излегување од така-наречените незаконски позајмици уривавме цел незаконски систем, длабоко имплементиран во нашето секојдневие.
Чудно е, верувајте ми како стопанственик ќе повторам дека е многу чудно, стопански субјекти, клиенти на Еуростандард банка, да егзистираат и во годините после одењето на Еуростандард банка во стечај. Патем и да прават големи добивки.
Фирмите на Крмзов во 2023 година покажуваат добивка од 9,3 милиони евра, а во оценувањето на ликвидноста на банката од страна на Народна банка, тие побарувања беа третирани како тешко наплатливи кредити за Еуростандард банка.
Фирмата ,,Галафарм”, која што живееше исклучиво од позајмиците на Еуростандард банка, денеска е функционална, бидејќи се најде, замислете веднаш после стечајот на Еуростандард банка, инвеститор кој ги покри сите позајмици од страна на Еуростандард банка.
Пред стечајот на Еуростандард банка исто така овие позајмици беа третирани како тешко наплатливи.
И на крајот, уште поинтересно е дека после стечајот на Еуростандард банка, господинот Крмзов стана клиент на Комерцијална банка!
Сакам да верувам во решеноста на актуелната влада дека ќе оди до крај во расчистувањето на овој длабоко организиран криминал.
Од крајниот епилог на овие истраги ќе зависи дали во Македонија ќе се врати правдата.
Времето ќе покаже, бидејќи често пати од сопственото искуство научив дека во Македонија завршниците на одредени истраги се најсложени и траат долго. Долга е раката на правдата и јас ја продолжувам битката за вистина.
Трифун Костовски