ЕВН Хоме бара зголемување на цената на струјата за 10%

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, откри дека ЕВН Хоме, како универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и потрошувачите, бара повисока цена за 10 отсто од 1 јануари.

Тој во интервју за Фактор вели дека пресметките допрва ќе следуваат и конечната одлука ќе биде донесена на крајот на годината.

„Сите компании ги поднесоа барањата – МЕПСО, Електродистрибуција, МЕМО, а ЕВН Хоме тоа ќе го направи дополнително, откако ќе ја добиjат цената за мрежарината. Прва работа што ја гледаме и што ја знаеме е дека ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоме понуди цена од 57 евра, а претходно беше 53 евра, и следната година во првите шест месеци ќе обезбедува 95 отсто од потребите, а 5 отсто ќе се набавуваат по цени на слободен пазар кои се околу 140-150 евра по мегаватчас. Сето тоа има влијание на крајната цена за околу 10 отсто“, вели Бислимовски.

Бислимовски очекува новиот повик за универзален снабдувач од следната година да донесе помала профитна маржа, а со тоа и можност за поевтинување на струјата на регулираниот пазар.

„Кај МЕПСО и Електродистрибуција не можеме најконкретно да кажеме кои им се барањата. Следните денови ќе направиме симулација. Кога беше поднесено барањето за тендерот за загубите кај Електродистрибуција, тој не беше завршен и не знаеме колку побарале, а тендерот на МЕПСО за покривање на загубите ќе биде завршен во текот на оваа или следната недела. Јасно е дека имаат одредено зголемување на трошоците. Треба да се каже дека е зголемена цената на бакарот и има трошоци за зголемени плати. Има и зголемени инвестиции кај трите компании, што е добро. Сето тоа има влијание на крајната цена. Тоа значи дека кај мрежарините ќе бидеме попрецизни деновиве, откако ќе ја направиме симулацијата. Засега јасно е единствено дека на ЕВН Хоме барањето е за зголемување од 10-11 отсто“, додава Бислимовски.

 

 

Back to top button
Close