EВН Хоме за нов директор го стави Мирослав Митровски обвинет во “Делчевски ниви”

  1. Мирослав Митровски, синот на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров – Сокол Митровски и претходно „отпишан“ како вовлечен во аферата „Делчевски ниви“ без обвинителска разрешница, е назначен за нов директор на универзалниот снабдувач и наплатувач на електрична енергија за домаќинствата на регулираниот пазар ЕВН Хоме, пренесува Фактор.

Вчера доцна попладне Централниот регистар објави промена дека Митровски е назначен за управител на ЕВН Хоме на местото на Австриецот Јирген Флајшхакер. Одлуката е донесена на вчерашниот ден, а Митровски решенијата ќе ги носи со врзан потпис заедно со уште едно ополномоштено лице.

Пред две и пол недели беше објавено дека Игор Гиевски, поранешен претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и исто така „жигосан“ во аферата „Делчевски ниви“, е назначен за член на Управниот одбор на фирмата-мајка АД ЕВН Македонија.

Пред две години на Гиевски и Митровски им беше одредена првична мерка притвор, по што ЕВН Електрани, уште една фирма-ќерка на АД ЕВН Македонија, но за производство на струја, по кратко време ги разреши од менаџерските позиции.

Минатата година во октомври пропадна целиот случај „Делчевски ниви“. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за запирање на истражната постапка против седум лица и беше соопштено дека постапката е запрена поради немање докази и сменети искази на членови на Управниот одбор на ЕВН.

Медиуми подоцна оваа афера ја протолкуваа како обид да се компромитира тогашната опозиција и актуелниот премиер Христијан Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ потоа преку соопштение во јавност побара извинување од власта за креирање наводен случај без докази.

Предметот се однесуваше на купување земјиште од ЕВН Електрани за изградба на фотоволтаични централи во Делчево, кое било платено 40-тина пати поскапо од реалната пазарна цена од претходни сопственици наводно блиски на тогашната опозиција.

Back to top button
Close