Еврокомесарката за проширување Марта Кос: Црна Гора и Албанија може да влезат во ЕУ во следните 5 години, Македонија треба да си ги исполни обврските
Еврокомесарката за проширување Марта Кос во вторникот изрази уверување дека за време на овој мандат на Европската комисија (2024-2029) најмалку една земја од процесот на проширување ќе стигне до „финишот“.
Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент сподели дека расположението за проширување сега е видливо попозитивно отколку во претходните години.
„За прв пат по десет години, имаме реална перспектива дека за време на овој мандат можеме да донесеме барем една, според мене уште две или три земји до финишот“, рече Кос.
Таа призна дека руската агресија врз Украина отвори можност за натамошно проширување, но нагласи дека нема кратенки во процесот на членство.
„Нема да има политички „отстапки“. Процесот на проширување останува врз основа на заслуги“, подвлече еврокомесарот.
Таа оцени дека во овој момент има двајца лидери во пристапниот процес, а тоа според неа се Црна Гора и Албанија.
„Црна Гора има визија да ги заврши преговорите до 2026 година, а Албанија до 2027 година. Ќе ги поддржиме, но потребно е многу работа. Принципот на процес заснован на заслуги треба да важи и за земјите кандидати и за земјите-членки на ЕУ“, – рече еврокомесарот, додавајќи дека штом кандидатите ќе ги исполнат критериумите, тогаш земјите од ЕУ треба да можат да продолжат.
Осврнувајќи се на усогласувањето на земјите кандидати со политиката на санкции на Европската унија (ЕУ), комесарот Кос рече дека ниту една земја која не е 100 отсто усогласена со Европската заедничка и безбедносна политика нема да може да се приклучи на Европската унија.
„Ова е принципот што ќе го следам. Она што можеме да го земеме предвид е дека тоа не може да се случи за еден ден или да речеме за краток временски период. Значи, ние исто така многу внимателно ги следиме случувањата. И, се разбира, ќе го направиме истото со Србија“, изјави Кос.
Таа изрази и очекување дека ќе има напредок во процесот на нормализирање на односите по изборите во Косово, кои ќе се одржат на 9 февруари.
Таа, исто така, призна дека пристапот на идната американска администрација ќе влијае и на европските ангажмани.
„Во Косово ќе има избори. Не очекувам дека ќе можеме да преземеме какви било чекори пред изборите. Но, се надевам дека наскоро по изборите ќе можеме да продолжиме напред. Затоа што не можеме да зборуваме за Западен Балкан ако не зборуваме за дијалогот Белград-Приштина или засебно за тоа што прави Косово, а што прави Србија, сите го чекаме 20 јануари и какви одлуки ќе донесе американскиот претседател“, изјави Марта Кос.
„Македонија да си ги исполни обврските“
„Се надеваме дека С.Македонија ќе го промени својот Устав“, рече новата еврокомесарката за проширување, Марта Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Кос го даде примерот на Србија, со која во декември не беше отворен кластерот „Конкурентност“ бидејќи земјата не ги исполнила потребните обврски. „Истото важи и за С.Македонија“, додала таа во однос на обврските на нашата земја, пренесува „БНР“.
Еврокомесарката Кос изразила надеж дека за време на полското претседателство ќе бидат отворени еден или два преговарачки кластери со Украина и Молдавија, како и напредок во неколку преговарачки поглавја со земјите од Западен Балкан.
„Ако земјите-кандидати се држат до своите реформски напори, можеме да постигнеме поголем напредок под полското претседателство отколку во последните 10 години“, била категорична таа. „Можно е да има дури 10 меѓувладини конференции“, додала евркомесарката (Локално)