Европа се соочува со најголемата епидемија на птичји грип досега

Европа повеќе од една година се соочува со досега најголемата епидемија на птичји грип забележана на континентот, соопштија денеска европските здравствени власти, додавајќи дека 50 милиони живина се уништени во заразените фарми.

– Од октомври 2021 до септември 2022 година Европа беше погодена од најголемата епидемија на високо патогена форма птичји грип, се вели во извештајот на Европската управа за безбедност на храната, Европскиот центар за превенција и контрола на болести и референтните лаборатории на Европска унија.

Во извештајот се додава дека 37 европски земји се погодени од вирусот и дека се откриени 2.500 жаришта на болеста.

Се проценува дека бројот заразена живина – кокошки, мисирки и патки е многу поголем од 50-те милиони превентивно убиени птици.

Во периодот од 10 септември до 2 декември 2022 година, забележани се речиси 400 епидемии на фарми во 18 европски земји. Најпогодени се Франција, Велика Британија и Унгарија.

Вирусот е откриен и кај дивите птици, особено кај патките и лебедите, што веројатно придонело за ширење на птичјиот грип на фармите, се додава во извештајот.

Back to top button
Close