Европарламентот усвои резолуција: Путин сноси „лична“ одговорност за смртта на Навални

Европскиот парламент остро го осудува „убиството на Алексеј Навални“ и ѝ дава целосна поддршка на неговата вдовица во нејзините напори да продолжи по неговиот пат.
Пратениците предупредија дека убиството на Навални е уште еден знак за растечка и систематска репресија во Русија и бараат независна и транспарентна меѓународна истрага за неговото убиство со цел да се открие вистината, да се обезбеди одговорност и правда, се додава во соопштението на Европскиот парламент.
Политичкиот систем на Русија е под контрола на авторитарен режим со широко распространета корупција, кој користи наместени избори како привид на демократија и ја концентрира целата моќ во рацете на Владимир Путин, се додава во резолуцијата.
Пратениците ја повикуваат ЕУ, нејзините земји-членки и партнерите истомисленици низ целиот свет да ја продолжат својата политичка, економска и воена поддршка за Украина, „бидејќи тоа е најдобриот одговор на агресивните практики на режимот на Кремљ“.
Одлучувачката победа на Украина може да доведе до вистински промени во Руската Федерација, особено до деимперијализација, деколонијализација и рефедерализација, а сето тоа се неопходни услови за воспоставување демократија во Русија, смета Европскиот парламент.
Резолуцијата беше усвоена со 506 гласа за, девет против и 32 воздржани.