Филипче: Скопските училишта нема да добијат дозвола за настава во живо за повисоките одделенија

Училишта со мал број на класови и ученици може да побараат дозвола да вршат настава во живо и за одделенијата над трето, но, ако, на пример училиште во Скопје аплицира за таква дозвола, ние нема да го дозволиме тоа, вели министерот за здравство, Венко Филипче, во неделното интервју на РСЕ.

Ако порано имаше кластери- мекици, верски обреди, верски обичаи, сега има ли главни настани на кои се шири заразата со коронавирусот?

Се уште има такви настани и се уште има мини кластери што се јавуваат од настани на кои луѓето не ги почитуваат превентивните мерки. Повторно се собираат, еве ги гледаме младите луѓе во угостителските објекти, на јавните површини, повторно семејни забавни, но има и еден процент од заболените кои кажуваат дека не знаат каде се заразиле.

Што значи тоа дека не знаат каде се заразиле?

Обично епидемиолозите укажуваат на две сценарија или луѓето не сакаат да ги кажат информациите, се случува после во текот на денот, после иницијалното интервју и прашалник да се јават и кажат дополнителни информации или навистина не знаат. Но нешто што е правило – Апсолутно во секој случај не се придржуваат до превентивните мерки.

Август беше месец на многу групирања, целата држава отиде во Охрид и на други туристички места поради летниот период. Се гледаа во јавноста снимки од големи групирања, особено на млади луѓе, но од друга страна речиси цел месец опаѓа бројот на заболени од коронавирус во земјава. На што се должи тоа?

Многу од очекувањата и предвидувањата за овој вирус не се остварија, не само кај нас, туку насекаде во светот. Очигледно дека имаме работа со вирус за кој се уште не знаеме сè. Може да дадам наше толкување, објаснување што е претпоставка зошто се случува тоа е дека сепак луѓето се повеќе надвор и контактите дури и таму кадешто има прекршување на превентивните мерки се случуваат во надворешна средина каде можноста да се трансверира вирусот е помала во однос на тоа кога луѓето се во затворена средина и оттука се нашите стравувања за есенските месеци кога сметаме дека таква поголема концентрација на луѓе во затворена просторија може да ја влоши епидемиолошката слика.

Имате ли некои анализи дали после тие големи собирања во Охрид и големиот број на луѓе кои отидоа таму се зголемило ширењето на коронавирусот? Дали овие бројки кои сега ги гледам сега се дел од тие охридски настани?

Не така драстично зголемување како што беше појавата на, ќе го наречам, вториот бран, кога во рамките на семејните настани во затворени простории се јавуваа нови случаи. Значи многу помалку.

Во однос на отворањето на училиштата, може ли прецизно што ќе се случува од први октомври во однос на училишната година?

Препораката училиштата да започнат со работа од први октомври е поради тоа што во месец септември ќе има доволно настани и случувања што можат да ја влошат епидемиолошката слика и децата во училиште да бидат уште еден дополнителен фактор којшто сакаме да го одложиме. Кои се тие настани? Луѓето почнуваат со работа после враќањето од одморите, од патувањата, и градинките кои почнуваат со работа следната недела. Влошувањето на епидемиолошката ситуација и реперкусијата по болничкиот систем доаѓа после две до три, можеби четири недели од некаков настан, тогаш ги гледаме пациентите кои потенцијално би требало да се лекуваат во болници. Ама ако тогаш се јави голема бројка, тогаш е касно да се реагира, и во таа смисла препораката за училиштата беше да почнат со онлајн настава, со неколку исклучоци- децата од прво до трето да бидат физички присутни во училиштата. Зошто? Заради тоа што во празни училишта има повеќе простор тие да се распределат, да се намалат контактите меѓу нив, да почнат со часовите во различно време, да не се сретнуваат на влез, во ходниците, на излез на крај на часовите, и исклучок во училишта ширум државата кадешто има мал број на ученици во класовите, мал број на класови во училиштата, според проценката на Комисијата која е формирана од членови на МОН, Министерството за здравство и Канцеларијата на претседателот на владата. Има училишта, да дадам пример, кои имаат по пет-10 ученици во еден клас, тука се обединуваат ученици од прво до четврто одделение, некаде над 300 училишта во нашата држава се такви, меѓутоа тоа ќе биде со дозвола на Комисијата за заразни болести, ако епидемиолошката ситуација во таа општина тоа го дозволува.

Тоа значи дека, на пример, училиште кои се наоѓа во главниот град и доколку само процени дека има услови за физичка настава, може и да не добие дозвола од Комисијата да работи, ако комисијата заклучи дека епидемиолошката состојба не дозволува? За кој тип на училишта зборуваме дека можат да побараат физичко присуство и над трето одделение?

Само тие коишто имаат мала бројка на ученици, односно конкретно да би одговорам. Доколку училиштето е во Скопје и сака да направи исклучок и аплицира дозвола да бидат физички присутни и учениците од четврто и петто одделение од почетокот на октомври, ние нема да го дозволиме тоа.

 

Back to top button
Close