Филипче: Здравственото осигурување и дежурствата на приватните специјализанти ќе се покриваат од јуни

Сите приватни специјализанти кои досега немаа здравствено осигурување, односно не биле пријавени за работа во друга приватна здравствена установа, а добиваат надоместок за работа како приватни специјализанти, од јуни ќе добиваат дополнителна сума на средства со што ќе биде покриен трошокот за здравствено осигурување. Добиваат целосно здравствено осигурување и уште нешто, а тоа е да бидат платени сите дежурства кои тие ги прават како специјализанти во рамки на институциите во кои специјализираат, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Како што појасни, сумата за дежурства се движи од 1800 до 3600 денари во зависност од тоа дали се дежура во нормален работен ден или за време на викенд или за време на празник со што вкупната сума дополнителна која ја добиваат на веќе постоечките 30 илјади денари бруто, во еден одреден процент може да достигне и до 50 проценти повеќе од тоа што сега го добиваат.

– Мислам дека на овој начин се постигнуваат две работи, прво инклузивноста на целокупниот процес, тоа што ги носиме одлуките и ги градиме политиките заедно со сите фокус групи на кои тие политики се однесуваат, конкретно специјализантите со кои имаме континуирана комуникација во изминатите повеќе од три години и оваа значајна инвестиција во младите лекари е нешто што ја менува сликата во нашата земја, рече Филипче.

Додаде дека уште едно прашање е веќе започнато, а треба да се финализира во следниот период, а тоа е, како што рече, дефинитивното вработување на приватните специјализанти.

Доктор Александра Георгиева, специјализант по кардиологија и претседател на Здружението на лекари и специјализанти истакна дека решавањето на овие прашања претставува исклучително значаен момент за секој приватен специјализант во државата.

– За првпат дежурствата ќе бидат исплатени согласно бројот на дежурства во тековниот месец. Уште поважен момент е здравственото осигурување, бидејќи ќе овозможи секој лекар во институцијата или државните институции да може бесплатно да се лекува. Уште поважно е дека се надеваме овие мерки да ни овозможат и поквалитетна здравствена заштита за пациентите. Што се однесува до вработувањата се надеваме дека овој процес ќе биде заокружен со вработување и нашата држава ќе може да се пофали дека нема невработени лекари, рече Георгиева.

Во однос на извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во врска со смртта на 33-годишната пациентка од Охрид, Филипче рече дека се уште не го добил и оти чека тој извештај да се финализира, а дополнително за тој случај, како што информриа, е формирана комисија за стручен надзор. За родилката од Струга, информира дека извештајот е готов, а следната недела ќе биде финализиран.

Back to top button
Close