Фирми се затвораат, но сѐ помалку – Условите ја калат отпорноста или се подобрува деловната климата?  

Не е лесно да се работи во Македонија, е една од најчестите поплаки на лицата кои, пливајќи во бизнис водите, се обидуваат да се одржуваат на површината. За тие води забележуваат дека се толку матни, што го отежнуваат пристапот за чесно работење. Прстот се вперува кон нелојалната конкуренција.

Кон големиот број неформални вработувања, платите што се исплаќаат во коверт… Згора на сѐ, и високата инфлација, иселувањето, расположливата работна сила која во добар дел не се совпаѓа со потребите на работодавачите и со низа (не)предвидливи случувања кои влијаат на не многу стабилниот деловен амбиент.

Последицата од сето тоа е згаснувањето на бизнисите. Кога здравиот разум ќе каже дека во дадениот момент помало зло е клуч на врата во однос на можноста натамошното работење да е причина за загуби. Сепак, во овој сегмент се провлекува и една позитивна линија. Анализата што ја направи Пари врз основа на податоците со кои располага Бизнис Мрежа, упатува на фактот – од година во година се намалува бројот на затворените фирми. Тренд спротивен на опаѓачкиот, присутен кај стартувањето бизниси, односно кај бројот на новоотворените фирми.

 

ЛАНИ ЗГАСНАЛЕ 3.773 БИЗНИСИ

Во текот на 2024 „изгореле” 3.773 бизниси. За 553 помалку во споредба со 2023 година. Или, за 3.084 во однос на 2022. И уште подобро – за 3.220 помалку од заведените во негативната статистика за 2021 година.

Извесни промени има и на топ пет листата градови во кои се затворени најмногу правни субјекти. Реалните бројки го поместиле Куманово од петтата позиција во 2023, на четвртата лани. А, наместо Гостивар, сега се појавува Струга.

Во Скопје најмногу се отвораат и најмногу се затвораат фирми. Минатата година згаснале 869 бизниси. Разликата од 571 фирма делува оптимистички во споредба со претходната 2023, кога клуч бил ставен на 1.440 претпријатија. Вреди да се спомене дека во 2022 година во главниот град престанале со работа 2.299 фирми.

Помалку затворања се регистрирани и во Тетово. Од 248 преклани на 221 лани. И во овој случај скорот е многу подобар од тој во 2022, кога околностите придонеле за замирање на 385 претпријатија.

Во другите три града што се на оваа листа, се забележува зголемување на фирмите кои не успеале да опстанат. Во Битола лани згаснале за 18 фирми повеќе од преклани. Но, затоа пак, за 130 помалку од 2022 година.

Годишната разлика во Куманово е осум згаснати фирми помалку. Или 190 во 2024, 182 во 2023, со тоа што резултатите се подобри во однос на 2022 година, кога катанец бил ставен на 340 фирми.

Во Струга се работи за плус 33 затворени правни субјекти. Или од 154 преклани на 187 лани.

Повеќе од сто затворени фирми има во уште шест градови: Прилеп (181), Гостивар (172), Охрид (160), Струмица (121), Велес (114) и Кавадарци (107).

 

НА УДАР ДООЕЛ И МИКРО ФИРМИТЕ

Анализирано по видот на субјектите, најголемиот дел од фирмите кои поради одредени причини морало да бидат затворени, се ДООЕЛ – 1.949. Податокот не изненадува, затоа што и бројот на новите регистрирани фирми е најчесто во таа форма – со еден основач.

Под ставката Друго се запишани 882 згаснати фирми. Исто така, работните активности ги прекинале и 567 трговци поединци, а бројот на затворените друштва со ограничена одговорност е 337.

Најтешко опстануваат најмалите. Од вкупно згаснатите 3.773 правни субјекти во 2024, микро фирми се 3.468. Минатата година не ја преживеале ниту 294 мали, а од големите згаснале шест фирми.

Гледано по месеци, во јули се случил и најголемиот број затворања – 474. Интересно е што тој месец се издвојува и во статистиката на новооснованите претпријатија (2.032, или една четвртина од сите формирани во 2024).

Најмалку, пак, нови правни субјекти, само 203, лани биле регистрирани во август.

Осипувањето што неколку години се забележува кај затворањето на фирмите упатува на тоа дека е подобрена способноста на субјектите за опстанок. Или, тешките услови ги прават посилни. Воедно, на овој тренд може да се гледа и како на сигнал за постепено стабилизирање на деловната средина. Сепак, сѐ уште се неопходни структурни реформи и создавање на поголема правна сигурност.

Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/firmi-se-zatvoraat-no-se-pomalku/

Back to top button
Close