Фон дер Лајен ја нападна европската крајна десница: Ослободете се од пропагандата на Путин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ги нападна екстремно десничарските партии, како што е германската АфД, кои се натпреваруваат на европските избори, порачувајќи им да ја „исчистат својата куќа“ и „да се ослободат од пропагандата на Кремљ“.

Националистичките антиимиграциски партии планираат да ги здружат силите по претстојните избори за Европскиот парламент во обид да создадат нов блок што ќе ја разниша ЕУ.

Овој потег укажува на зголемената доверба на екстремно десничарските и суверените партии дека можат да освојат доволно места по првпат за да имаат главен збор во управувањето со континентот.

„Вашите колеги и водечките кандидати од АфД се под истрага поради тоа што биле во џебот на (рускиот претседател Владимир) Путин“рече Фон дер Лајен во дебатата за иднината на ЕУ, чиј домаќин беше „Политико“.

Така таа му одговори на Андерс Вистисен од десничарската Данска народна партија, алудирајќи на минатонеделното апсење на помошник на главниот кандидат на германската крајно десничарска Алтернатива за Германија (АфД), Максимилијан Кра, под обвинение за шпионажа.

Во дебатата, Вистисен ја обвини Фон дер Лајен дека ја поддржува Украина во војната против Русија само за да приграби поголема моќ.

„Ако ја погледнете изборната програма (на екстремната десница), ќе видите дека таа е полна со лаги и пропаганда од Кремљ. Затоа исчистете ја вашата куќа пред да нè критикувате“ рече Фон дер Лајен.

 

Back to top button
Close