Фон дер Лајен ја поздрави најавата на Трамп за пауза во воведување на царините

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја поздрави најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ги паузира новите „реципрочни царини“ за повеќето земји на 90 дена за да овозможи преговори, јави ДПА.

-Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија, рече фон дер Лајен.

„Јасните, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување. Европската унија останува посветена на конструктивни преговори со САД со цел да се постигне трговија без триење и взаемно корисна“, додаде таа, пренесе германската агенција.

Земјите-членки на ЕУ вчера се согласија на одмазднички тарифи од 10 до 25 отсто за американскиот увоз, што треба да се применат од следната недела, како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум воведени пред околу еден месец.

Американските берзи вчера покажаа неверојатно силен чекор нагоре по најавата на Трамп за мирување на царините, по падот забележан во изминатите неколку дена.

Back to top button
Close