(Фото) Додека јавноста чека одговори за шпионската афера, Сиљановска-Давкова објави дека уживала на опера со „Мадам Батерфлај“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше на претставата „Мадам Батерфлај“ во Македонската опера и балет, додека јавноста и натаму чека официјален став од нејзиниот Кабинет за скандалот со сомнежи за шпионажа и недозволени активности во Вила Водно, за кој веќе пет месеци се води предмет во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Од Кабинетот на претседателката втор ден нема никаков одговор на прашањата поврзани со истрагата, сомнежите за неовластено копирање доверливи податоци и навонодно „исчезнатите“ снимки од безбедносните камери.

Но, во исто време, на официјалниот фејсбук-профил на претседателката беше објавен статус за посетата на операта и впечатоците од претставата.

„Уживавме во делото на Пучини, како врвен уметнички дострел. Она што му даде посебна вредност и убавина беше хармонијата меѓу изведувачите од различни држави, како доказ за уникатната улога на културната дипломатија“, објави Сиљановска-Давкова.

Таа посебно ги спомена диригентот Мирон Михаилидис од Грција и режисерот Александар Текелиев од Бугарија, оценувајќи дека уметноста покажува како „Балканот најубаво се разбира кога создава заедно“.

Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција јавно соопшти дека со месеци не може да дојде до снимките од безбедносните камери од Вила Водно, иако тие биле побарани во рамки на предметот за сомнежи за недозволени активности од висок државен интерес.

Според ОЈО ГОКК, предметот бил отворен уште во декември 2025 година по известување од МВР – Сектор за компјутерски криминал, а се однесува на сомнежи дека доверливи електронски податоци од Кабинетот на претседателката биле неовластено преснимувани.

„И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот“, соопштија претходно од ОЈО ГОКК за „Скопје1“.

Министерството за внатрешни работи, пак, не даде директен одговор каде се снимките, туку соопшти дека е „во тек анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема“.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски случајот го нарече „шпионски талог на општеството“ и зборуваше за „структури од минатото“, додека Кабинетот на претседателката сѐ уште нема официјален коментар за аферата.

Back to top button
Close