ФОТО-РЕПОРТАЖА: Охрид на стартот на главната туристичка сезона: волшебно убав – очајно празен!?

Полни очи – убавина, празни раце – готовина!?

Имало многу кризи, земјотреси и други несреќи, ама, како сега,  никогаш не било!

Повторуваат како во хор охриѓани.

Очај, молк, неверување!

Охрид на стартот на главната туристичка сезона: волшебно убав – очајно празен!?

Празни улици, уште попразни паркинзи!

Навечер и ноќе, чаршијата – сабласт!

Дење, тек, по некој случаен минувач!

Ако сакате да видете луге – на располагање ви се маркетите, или аптеките!

Преку ден, има живост во кафулињата, ресторанџиите и дуќанџиите, веќе, кренале раце.

Денеска е последен петок од јуни. Или – вовед во главната туристичка сезона. Некаде до крајот на мај, издавачите на станови и апартмани, се надеваа дека јули и август ќе им ги надоместат штетите.

После продолжениот викенд за Дуовден, и тие кренаа раце.

Се им беше јасно!

Сега, наместо туристичка – митингашка сезона!

Таман, уште тоа ни недостасуваше. Ефектите ќе ги видиме за десетина дена.

Сопствениците, кои за Дуовден дојдоа тука да си ги проветрат становите и викендиците и да се засолнат од злото, дојдоа, видоа, си заминаа. Сега и нив ги нема. Сега и Охрид не е безбеден. Расте бројот на заразените, се бележат и првите смртни случаи!

Кој не верува, нека дојде навечер во мојата населба, кај кулите на Гранит и КАМ-супермаркетот. Тек по некој прозорец свети, а нели – мојата населба има уште едно име: Карпош Четири!

Паркинзите се празни како во декември!

Не сакавме карантин – по градови, сега сме сите во карантин!

Ниту некој ни доага, ниту некој не прима да му појдеме.

Пуст остров на планетата земја!

Паметните учат од греешките на другите, а оние другите – ги повторуваат сопствените!!!

Веле Митаноски

Back to top button
Close