Г. г. Стефан: На Бог му принесуваме молитви за да го воскресне мирот во Украина и во целиот свет

Поглаварот на Македонската православна црква, Г.г.Стефан  порача денес дека Покајанието, преобразбата и прошката ни се пот­ребни како никогаш досега бидејќи живееме очигледно во време во кое е отфрлен законот, и правниот и божјиот. Откако повика на мир во Украина тој порача дека и кон нашиот православен македонски народ и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата, па го повика народот со мудрост и единство да ја одбраниме македонската посебност што ни ја негираат.

„Ссведоци сме дека, и покрај сите обиди на светот да се обнови самиот себеси, со посредство на технолошките откритија и човечките мудрувања, тој успева само да направи привид на новото, но не и да воведе некоја суштинска промена. Страстите и слабостите им се неразделни сопатници на сите Адамови потомци при нивното патешествие низ историјата. Војните, болестите, сиромаштијата, гладот, негрижата за беспомошните не запираат и покрај сите насобрани знаења и достигнувања на нашето време. А зошто е така? Така е зашто човештвото, и покрај сиот развој и напредок, останува исто и непроменето уште од денот кога прародителите беа истерани од рајската градина! Затоа патот кон обновувањето на нашата падната човечка природа започнува со покајанието, проследено со постојано богољубие и човекољубие. А вистинската промена, кон која човештвото копнее, е преумувањето на личноста, преку кое повторно се востановува Христовиот образ во нас.

Предизвиците, пак, со кои се соочува нашето поколение, потврдуваат дека ваквата преобразба ни е потребна како никогаш досега. Создаваме и живееме време преполно со искушенија, време во кое очигледно е отфрлен разумот и, пред сè, заборавен е законот Божји. Всушност, како да не сфативме дека само доколку ја поз­наеме и живееме со вистината ‒ вистината ќе нè ослободи,  дека само со покајание и со прифаќање на Божјата волја, ќе го најдеме патот што води кон личното и кон сенародното учество во тајната на Христовото воскресение. А тоа е патот на смирението и долготрпението, на крстоносењето и на грижата за ближните на кои им е потребна нашата помош, на делата на добродетелта кои сведочат за преобразителната сила на нашата вера, надеж и љубов. Впрочем, повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот!

Со неизмерна тага ги следиме известувањата за братоубиствената војна која изминативе недели се води по украинската православна земја. На човекољубивиот Бог му принесуваме ревносни молитви за да го воскресне мирот во неа и во целиот свет. Пастирски ги повикуваме сите верни да ги сочуваат своите срца од омраза и гнев, потсетувајќи дека нашата најголема борба е против поднебесните духови на злобата. Љубовта е единствениот лек против злото, а тоа ќе го покажеме доколку со непоколеблива вера, како апостолите и сите богољупци и христољупци во изминативе 20 столетија, ја споделуваме радоста од празниот Христов гроб. Затоа, да застанеме во заедничка молитва за спасение на сите страдални луѓе и на сите што се засегнати од оваа голема несреќа. Да се молиме Бог да им го даде дарот на покајанието и прошката, врз кои се крепи мостот што води кон помирувањето, да си простат и да направат сè заради воскресението.

 

Кон нашиот православен народ, пак, еве, и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата! Затоа, да го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста“, стои во велигденската порака.

Back to top button
Close