Гаши: 8. Септември и референдумот се мирен роденден на една држава сонувана од многу генерации
По повод 35-годишнината од независноста, претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред присутните во законодавниот дом, порачувајќи дека 8 Септември е круна на повеќедецениска заложба, но и потсетник дека државата се гради секојдневно преку институциите, законите и довербата на граѓаните.
![]()
Во своето празнично обраќање, Гаши посочи дека патот изминативе три и пол децении не бил лесен, но дека земјата успеала да си ја избори независноста на мирен начин.
– Без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин, нешто што не се случи со другите републики кои се одвоија од поранешна Југославија. Поради тоа, 8 Септември и референдумот од 1991 година се мирен роденден на една држава сонувана од многу генерации и круна на една повеќедецениска заложба – истакна Гаши.
Тој потенцираше дека наместо само да се осврнуваме на минатото, главниот предизвик за оваа генерација е да дефинира каква држава ќе им остави на идните поколенија.
– По аналогија со легендарната реченица на претседателот Кенеди, ние не треба само да го поставуваме прашањето што направила државата за нас, дури ни што сме направиле ние за државата во овие 35 години, туку сите треба да се запрашаме каква држава посакуваме да имаме во следните 35 години? Тоа е предизвикот на нашата генерација – порача претседателот на Собранието.
Според него, визијата за иднината мора да биде заснована на функционални институции, каде што администрацијата е во служба на граѓаните, а владеењето на правото и борбата против корупцијата се императив.
– Всушност, ние можеме да имаме различни јазици, различни култури, различни традиции, различни политички убедувања, но имаме само една заедничка држава. Ова треба да биде основата на нашиот однос – нагласи Гаши






