Герасимовски: Центар со поддршка за семејствата во летниот распуст, ги отвораме градинките за ученици до 10 години
Општина Центар и оваа година обезбедува летно згрижување за деца до 10 годишна возраст, со цел да им излезе во пресрет на семејствата кои во текот на распустот имаат потреба од дополнителна поддршка поради работни обврски.

Пријавувањето почнува од 21 мај, а родителите треба да достават документација согласно критериумите наведени во правилникот.
Станува збор за програма за дневно згрижување на деца од прво до трето одделение, која ќе се реализира во повеќе клонови на градинките „13 Ноември”, „Кочо Рацин” и „Раде Јовчевски Корчагин”.
Во рамки на програмата, децата ќе престојуваат во безбедна и стимулативна средина, каде преку едукативни работилници, креативни активности и содржини соодветни на возраста, ќе бидат вклучени во квалитетно исполнет летен распуст.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека општината продолжува со мерки што директно им помагаат на родителите и децата.
„Оваа мерка преставува значајна поддршка за семејствата во период кога училиштата не работат, а родителите имаат редовни работни обврски. Наш приоритет е децата да бидат згрижени во безбедна, квалитетна и исполнета средина во текот на летниот распуст”, порача Герасимовски.
Бидејќи бројот на места е ограничен и зависи од капацитетите на објектите, Општина Центар ги повикува заинтересираните родители навремено да аплицираат во градинките





