Германија бара од Иран да го отвори Ормускиот теснец и да ја запре нуклеарната програма

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, упати повик до Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец и да се откаже од својата нуклеарна програма, пренесува „Ал Џезира“.
Тој изјавил дека разговорите со иранскиот министер за надворешни работи биле во насока на заедничката цел на западните сојузници, при што нагласил дека Иран мора „целосно и проверливо“ да се откаже од развојот на нуклеарно оружје и да овозможи слободна пловидба низ стратешкиот теснец.
Вадефул истакнал дека ставот на Германија е усогласен со политиката на САД, наведувајќи дека тоа е и став на американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изразил незадоволство од европските сојузници, обвинувајќи дел од нив дека не се подготвени да се приклучат на американските позиции во конфликтот со Иран.
Тој претходно упати критики и кон неколку европски лидери, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц, шпанскиот премиер и британскиот премиер, поради различните ставови околу кризата.
Дополнително, Мерц минатата недела оцени дека иранското раководство го „понижува“ Вашингтон и предупреди на недостиг од јасна стратегија во американскиот пристап кон конфликтот.
Извор: skopje1.mk






