Ги поддржувам оние што својот гнев го изразуваат преку протест, но не и политичките глодари вели Мицкоски
Апсолутно се придружувам на изразувањето на револт и гнев, но не ги оправдувам политичките глодачи за кои протестите се шанса да добијат политички поени. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета во Радовиш одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за најавените протести по пожарот во дискотеката во Кочани, каде што загинаа 59 лица.
„Протестите се демократската алатка на изразување на незадоволство. И јас сум нервозен. Верувам дека и вие сте незадоволни. Сите ние сме незадоволни од сето тоа што се случува. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме. Многу работи изминатите девет месеци откако е избрана оваа влада се решија. За многу работи оваа влада беше браник, да не дозволиме да продолжи понижувањето, разграбувањето, националното уништување на Македонија. И токму тоа, за тие политички глодачи е проблем, кои сакаат преку овие протести да добијат политички поен, па гледаат шанса“,
рече тој.
Посочи дека ги разбира сите оние што одлучиле својот легитимен гнев да го изразат преку демократска алатка, протест. Но, додаде дека не може да ги оправда политичките мршојади и глодачи, кои не сакаат силна влада на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, според него, таа е браник и последниот столб да не дозволи уништување на Македонија како држава.
„Апсолутно се придружувам на изразувањето на револт и гнев, затоа што уште многу работи останаа пред нас да се решат. Но, ќе се бориме со последниот атом енергија да исправиме нешто во името на идните генерации. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи изминатиот период. Поразивме неколку мафијашки здруженија кои, за жал, функционираа во државата. Ќе продолжиме и во периодот што следува. Но, од сега па натаму, само би посакал сите да останеме фокусирани и обединети во решавањето на проблемите“,
кажа премиерот.
Во Скопје за денеска во 18:59 часот се најавува протестен марш за одговорност и безбедност, во врска со трагедијата во Кочани, но и сите трагедии со човечки жртви низ годините.
Покрај најавата за протестот, движењето „Кој е следен“, кое е иницијатор на протестниот марш, на социјалните мрежи ги објави и барањата до надлежните во врска со трагедијата во Кочани, но и со сите случаи низ годините кои резултираа со низа човечки жртви