Ги поддржуваме жените: Трите ѕвезди на „Сексот и градот“ го прекинаа молкот за обвинувањата против Крис Нот

Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис колективно се огласија во врска со наводите за сексуален напад против актерот Крис Нот.

Трите ѕвезди од новото поглавје на „Сексот и градот“ објавија заедничка изјава во понеделникот, нивна прва референца на тврдењата на две жени.

„Многу сме тажни што слушаме вакви обвинувања против Крис Нот“, се наведува во заедничката изјава. „Ги поддржуваме жените кои се јавија и ги споделија своите болни искуства. Сигурно е многу тешко да се направи тоа и ги пофалуваме за храброста.“

Минатата недела две жени го обвинија актерот (67) за силување. Двете стапиле во контакт со „Холивуд репортер“ за да споделат детали за наводните сексуални напади. Едната од нив тврди дека имала 22 години кога Нот, тогаш 49, ја силувал.

Статијата натера уште една жена да се огласи во јавност и да го обвини Нот за непримерно однесување, а актерката Зои Листер-Џонс го нарече предатор.

Нот ги негира ваквите наводи. „Обвинувањата против мене од поединци кои сум ги запознал пред години, па и децении се категорично лажни“, наведе тој во соопштението за медиуми.

Back to top button
Close