Гласачите на „Оскарите“ ќе треба да ги гледаат сите филмови за да гласаат во одредена категорија
Американската Академија за филмски уметности и науки, од овогодишните членови, ќе бара официјално да потврдат дека ги погледнале сите филмови номинирани за „Оскар“ во онаа категорија каде што еден член гласа, пред да гласаат, пренесува „Ен-би-си њуз“ (NBC News), повикувајќи се на внатрешна службена е-пошта.

Академијата ја промени својата политика во април оваа година, и сега, членовите на Академијата ќе треба задолжително да го изгледаат секој номиниран филм во категоријата за којашто гласаат. Повеќе од 10.000 членови на Академијата ги добија новите правила за чекорите што треба да ги преземат пред рокот за гласање на 5 март. Филмовите гледани преку проекциската сала и стрим-услугата на Академијата ќе бидат автоматски потврдени, а другите ќе мора рачно да бидат означени како „гледани“.
Освен тоа, жирито ќе биде известено за филмовите коишто сè уште не се потврдени од одреден член-гласач.
Академијата соопшти дека новитетот е „систем на чест“.
Направени се и други промени. Имено, од 2026 година ќе се доделува и награда за кастинг, а за 2028. најавен е и „Оскар“ за каскадери.
Номинациите за следните „Оскари“ ќе бидат објавени на 26 јануари, а 98-то доделување на признанијата ќе се одржи на 15 март. Водителот на годинешната свеченост – Конан О’Брајан ќе го води и следното доделување.






