Главниот обвинител на МКС бара налог за апсење на водачот на воената хунта во Мјанмар
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, Карим Кан, побара од судот да издаде меѓународен налог за апсење на водачот на воената хунта во Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг, поради обвиненија за злосторства против муслиманското малцинство Рохинџи.
Хлаинг, кој ја презеде власта од демократски избраната премиерка Аунг Сан Су Ќи по воениот удар во 2021 година, е обвинет за депортации и прогон на Рохинџите.
Обвиненијата потекнуваат од кампањата против бунтовниците што ја започна војската на Мјанмар во август 2017 година како одговор на напади од страна на бунтовничките групи. Се тврди дека Хлаинг наредил напади врз цивилите Рохинџи од страна на војската и полицијата.
Речиси еден милион луѓе беа присилени да избегаат во соседен Бангладеш за да избегнат масовни силувања, убиства и палење домови.
За време на посетата на бегалски камп во Бангладеш, каде што се сретна со раселените Рохинџи, Карим Кан изјави дека планира наскоро да побара налози за апсење и за други лидери од Мјанмар.
– Со тоа ќе покажеме, заедно со сите наши партнери, дека Рохинџите не се заборавени. Тие, како и сите луѓе низ светот, имаат право на правна заштита, изјави Кан.
Иако Мјанмар не е членка на МКС, Бангладеш е. Судот во 2018 година пресуди дека обвинителството може да испитува злосторства што се „довршени“ на територијата на држава-членка, како што е присилната депортација.
Во 2019 година, претходничката на Кан, Фату Бенсуда, побара отворање истрага за „минати или идни злосторства“ извршени делумно во Бангладеш или друга држава-членка на судот во врска со Рохинџите.
Во 2022 година, Меѓународниот суд на правдата, највисокиот суд на Обединетите нации, покрена одделен случај против Мјанмар, поднесен од Гамбија, со обвинување дека земјата е одговорна за геноцид над Рохинџите.