Глеј си сеир

Абе глеј си сеир и прави се како да не си од тука. Сеирот е супер работа. Ама не е смешно кога ќе ти текне дека и ти си дел од сеирот. На пример, баш би сакал на случките од „драматичниот четврток“ кога требаше да падне Владата на Заев, да им пристапам со леснотија каква што демонстрираше Христијан Мицкоски.
Додека траеше неизвесноста во Собранието, а луѓето грицкаа нокти пред телевизија, навивајќи кој ќе победи на Собранискиот канал, Мицкоски рече дека бил на предавања на факултет и не знае што се случува. Еве, животот си тече, Владата ќа падне, тој од утре ќе биде премиер…
Кога попладнето виде дека не ја бива работата рече дека му се згадило од политика. Ама, додека е вака послободен, оти не ќе може од утре како премиер кога ќе се фати за работа 24/7, па отиде во болница и се пофали со слика на фејсбук дека извадил масно ткиво од вратот.
Ете, тоа е јавната порака на идниот премиер, наспроти пораката на сегашниот премиер кој во емотивен налет си даде оставка, па кога виде дека ја оплеска се примисли и рече „Не, ај сменете ме ако можете“.
Штета што не падна Владата. Не е до Македонија, туку светот ќе изгуби многу затоа што Мицкоски нема да биде премиер. Оти тој ќе ја решеше енергетската криза со која се мачат сите земји. Трајко Славески ќе нè спасеше од инфлација и поскапување на храната – нешто што не ѝ успева на Ангела Меркел во Германија.
Ама таа ионака си оди, баш ѝ е гајле. А со Вело Марковски ќе го снемаше ковидот. Апасиев ќе нè спасеше од трошоци за оружје за НАТО. А и таблите не ќе мораше да ги менуваме со албански јазик. Оти ќе го укинеше законот за двојазичност.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк