Голем пожар избувна во струмичко меѓу селата Баница и Водоча, прогласена евакуација на жителите од населбата Софилар

Големиот пожар што избувна денеска напладне меѓу струмичките села Баница и Водоча и месноста Софилар, во непосредна близина на Струмица, делумно е ставен под контрола и со механизација се прават пресеци за да се спречи ширењето, но според последните информации од ТППЕ Струмица пожарот стигнал до населбата Софилар во Струмица, а командирот на струмичките пожарникари, Александар Гудев наредил евакуација на граѓаните.

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, нема повредени ниту изгорени објекти. Зафатен е помошен објект, но, како што посочи Ангелов, тој не е изгорен.

-Пожарот почнал бргу да се шири по високата трева во полето. Веднаш на терен е излезена ТППЕ Струмица, која почнала со гасење на пожарот, а заради сериозноста веднаш побарав помош и на терен се упатија пожарникарите од Валандово, Гевгелија, Радовиш и други против пожарни единици кои им помагаат на струмичките пожарникари да се воспостави контрола- изјави Ангелов преку снимена изјава.

Тој додаде дека во моментов има делумна контрола.

Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков е на местото на пожарот и од негова страна била ангажирана механизација за да се спречи ширењето на огнот.

-Во пожарот нема изгорени куќи. Од огнот е зафатен некој помошен објект, но и тој не е изгорен и нема повредени лица. Една возрасна госпоѓа не сакала да ја напушти својата викендица, но била присилно изнесена за да не настрада доколку огнот дојде дотаму- рече Ангелов.

Тој апелираше до граѓаните да не создаваат паника и да останат присебни, особено во наредниот период кога поради високите температури се очекува зголемен ризик од пожари.

Според Ангелов, една од најефикасните мерки за спречување на ширењето на пожарите на отворен простор е навремена изработка на противпожарни појаси, односно засеци да не се дозволи  ширење на пожарот и загрозување на имотот на граѓаните.

Back to top button
Close