ГОСПОДИНОТ АХМЕТИ
Што ќе им го береме гајлето на комшиите, кога кај нас дома, беззаконието го институционализираат токму тие што треба не само да го штитат законот, туку да го промовираат. Членовите на највисокото судско тело, Судскиот совет што избира и разрешува судии, се заклучија и тајно си ја повлекоа незаконски донесената одлука за разрешување на претседателката Весна Дамева. Повторно ја разрешија, ама сега демек законски и за нов претседател го избраа судијата Сашко Георгиев. На прашањето зошто седницата била затворена за јавноста, новиот претседател рече дека „некои работи не треба да излегуваат во јавност“. Се разбира. Испорачувањето на нарачките се прави во кругот на најблиските. Јавноста не треба да види дали судијата што ги чувал предметите во фиока во Апелација ќе го унапредат во Врховен суд. За таму да ги чува предметите. Таму подолго се чуваат до застарување на делата.
Новиот претседател на Судскиот совет минатата недела учествуваше во незаконското разрешување на претседателката. Си призна дека било незаконско, ама рече дека верува во Господ. Бог да чува! Кај што кршат закони, па уште и богохулие прават. Каква врска има тоа што судијата верува во Господ, ако не верува во право и правдина? Па судиите што ги избира највисокото судско тело, Судскиот совет, не се избрани за да делат божја правда. Белким ги бираат да делат правда според Уставот и законите.
Од ова институционализирање на безаконието ни Господ не помага. Судиите си ги добија зголемените плати и си молчат. Што е само уште еден показател дека зголемените плати не водат кон поголема независност, туку до уште поголема сервилност кон власта и моќниците во бизнисот.
Што е најтрагично, со ова однесување на највисокото судско тело, членовите не пропагираа само незаконитост. Пропагираа и неморал. Да имаа совест барем три проценти, колку што имаат доверба граѓаните во судството, тие досега ќе се самоукинеа. Може да прават штета колку сакаат и кому сакаат. Оти, нели, само Господ е над нив.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК






