Администрацијата на Трамп бара од Врховниот суд да дозволи оспорување на околу 20.000 гласови во Калифорнија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе жалба до Врховниот суд на САД со барање да се овозможи оспорување и привремено одвојување на околу 20.000 гласачки ливчиња испратени по пошта во Калифорнија, тврдејќи дека тие можеби се поднесени од лица кои не се американски државјани, a во пресрет на утрешните клучни конгресни избори.
Барањето за преиспитување следува откако понизок суд го отфрли барањето на Министерството за правда од пребројувањето на гласовите да бидат исклучени овие ливчиња за кои федералната влада се сомнева дека се од недржавјани. Администрацијата тврди дека тие не треба да бидат пребројани сè додека не се провери државјанскиот статус на гласачите. Властите во Калифорнија, пак, оценија дека списокот врз кој се темели барањето е крајно недоверлив и веројатно опфаќа голем број лица кои се американски државјани.
Федералната влада оваа година си постави за цел да ги идентификува гласачите кои не се американски државјани, иако ваквите случаи се исклучително ретки. Судија на федерален окружен суд го отфрли барањето на Министерството за правда и предупреди дека неговото прифаќање може да ги лиши граѓаните од правото на глас на утрешните конгресни избори, од кои ќе зависи кој ќе ја има контролата врз Конгресот на САД.
Министерството за правда побара од Врховниот суд да издаде „ограничена привремена мерка“, со која Калифорнија би била обврзана да „престане да ги меша гласачките ливчиња за кои постои сомневање дека се незаконски со законските“, додека трае судската постапка.
Гласањето во Калифорнија, сојузна држава во која убедливо мнозинство од гласачите ја поддржуваат Демократската партија, трае од почетокот на октомври. На сите околу 23 милиони регистрирани гласачи во државата им се испраќаат гласачки ливчиња по пошта, а стотици илјади од нив веќе биле обработени. Пониските судови застанаа на страната на Калифорнија. Федерален окружен судија предупреди дека одвојувањето на гласачките ливчиња би предизвикало „сериозна штета“ на конгресните избори и би ја поткопало довербата во демократскиот процес.
„Ако извршната власт може да отфрла гласови и да ги доведува во опасност изборите што се во тек врз основа на недокажани тврдења, тогаш нашата демократија е во опасност“, напиша американскиот окружен судија Дејвид О. Картер, кого за судија го номинираше демократскиот претседател Бил Клинтон.
Министерството за правда се обиде да ја забрза постапката, но не успеа да го убеди апелацискиот суд да интервенира во порана фаза. Администрацијата на Трамп забележа низа победи во неколку жалбени постапки пред Врховниот суд, но судиите веќе ги отфрлија обидите на претседателот да го ограничи гласањето по пошта пред конгресните избори.






